Боре Ангеловски останува запаметен како прв македонски бекетолог, човек што ги има поставено речиси сите драмски дела на Семјуел Бекет, плус радиодрамата „Сите кои паѓаат“ во негова сценска адаптација и дел од монолозите и поезијата на Бекет во адаптација за претставата „Скица за театар“. Ангеловски се јавува како вонреден толкувач на Бекетовото дело кон кое пројавува вонредно активен и автентичен сензибилитет. Кај Бекет можеби најцелосно доаѓаат до израз неговите преокупации – ангажирано да се проследи судбината на современиот човек и нејзините изгледи во вителот на модерното време. Оттаму и Ангеловски се интересира за современата драмска литература – Бекет, Мрожек, Радзински, Јонеско, Борхерт, Вајс и многу други
Боре Ангеловски е основач и уметнички раководител на „Театар чекори“ – Скопје, икона на драмскиот аматеризам и театарската алтернатива во Република Македонија и поранешна Југославија, првенец во сите домени и аспекти на театарската уметност, комплетна театарска личност, театарски фанатик. Како етичко-естетска поставеност, Ангеловски е доајен и пионер на театарот на апсурдот во Република Македонија, поборник и следбеник на неконвенционалниот пристап кон создавањето комплетен театарски чин, вечен експериментатор, иноватор и револуционер на комплексниот театарски израз.
Во текот на петдецениската театарска активност, Боре Ангеловски има настапувано во 37 претстави од 32 различни автори, има поставено 89 претстави од 59 различни автори, има направено над 30 преводи на драмски дела, има направено драматизации на „Сердарот“ – Григор Прличев, „Тага“ – Максим Горки, „Крокодил“ – Достоевски, „Гала претстава“ – по текстови на Чехов, Данил Хармс, Иљф и Петроф; адаптации на: „Маузер-Хамлет машина“ – Хајнер Милер, „Генерација без милост“ – Волфганг Борхерт, „Фрагменти“ – Мјуриел Шизгал, „Теагеритројатрија“ – Данил Хармс, „Скица за театар“ – Семјуел Бекет, има направено 32 сценографии, 34 костимографии, има напишано неколку дискусии за театарот, има напишано сценарио за пантомима „Сон“ во 1969 година, ја има напишано драмската алелуја „Ал’ Бигории“ во 1972 година.

Над 700 луѓе поминале низ „Младинската сцена“, „Младинското драмско студио“, „Театарот чекори“, над триесет од нив продолжиле на академиите за драмски уметности и сега се афирмирани глумци и режисери: Мими Таневска, Лазе Манасков, Верица Ристевска, Љупчо Тодоровски-Упа, Ева Аманатиду, Кети Дончевска-Илиќ, Илија Рајковски, Љупчо Спасов, Роберт Вељановски, Ристо Гоговски, Роберт Симоновски, Антонио Димитриевски, Златко Митрески, Марија Ѓорѓијовска, Мартин Лазаревски, над дваесет професионални глумци учествувале во претставите на Боре Ангеловски: Анче Џамбазова, Славица Јовановска, Снежана Конеска-Руси, Младен Крстевски, Соња Каранџуловска, Магдалена Ризова-Маги, Андреј Бељан, Видосава Грубач, Фазли Шаќири, Вера Вучкова, Владимир Спасов, Виолета Волак, Горан Илиќ и многу други.
Семјуел Бекет е трајна окупација на Боре Ангеловски. Во 1967 и 1977 година ја поставува пиесата „Крајот на играта“, а во 1970 година ја поставува „Последната лента на Крап“. Постои мошне интересен континуитет. Најпрво доаѓа драмата „Чекајќи го Годо“, текст што како основна идеја го има отуѓувањето на современиот човек пред застрашувачката егзистенцијална безизлезност. Овде има допир со повеќе судбини распнати на крстот на отуѓувањето. Потоа следува „Крајот на играта“, пиеса со две лица, на самиот раб на опстанокот, во безизлезното јадро на склерозата, фрлени во контејнерите на градската хигиена. И најпосле „Последната лента на Крап“, пиеса, во која животот веќе нема шанса за никаква пројава, а за некоја содржина и да не зборуваме.
Ангеловски се јавува како вонреден толкувач на Бекетовото дело кон кое пројавува вонредно активен и автентичен сензибилитет. Кај Бекет можеби најцелосно доаѓаат до израз неговите преокупации – ангажирано да се проследи судбината на современиот човек и нејзините изгледи во вителот на модерното време. Оттаму и Ангеловски се интересира за современата драмска литература – Бекет, Мрожек, Радзински, Јонеско, Борхерт, Вајс и многу други.
Умира од срцев удар на 14 јуни 2009 година во родниот град Велес, само три дена по неговата последна премиера, во годината кога се слават два важни јубилеја: 35 години „Театар чекори“ (единствен алтернативен театар во Македонија со толкава традиција) и 50 години театарска дејност на Боре Ангеловски. Д.Ст.
