Фото: Архива „Нова Македонија“

Да Се задржи фокусот на интегрирање на пазарите за електрична енергија и на реформите на пазарот со природен гас

Заклучок на директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница (ЕЗ) и на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика:

Реформите во енергетиката мора да продолжат, континуитетот е клучен – фокусот да се задржи на активностите поврзани со интегрирање на пазарите за електрична енергија, нивна транспарентност и интегритет, како и неопходните реформи на пазарот со природен гас, кои ќе обезбедат фер пристап за сите учесници, во согласност со новите европски мрежни правила. Ова го заклучиле директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница (ЕЗ), Артур Лорковски, и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ), Марко Бислимоски, на вчерашната средба во Скопје на која присуствувале и членовите и раководителите на секторите на РКЕ.
– Во очекување на новиот Закон за енергетика, РКЕ во соработка со Министерството за енергетика континуирано работи на подготовка за имплементација на новиот енергетски пакет. Интегрираниот пристап меѓу сите чинители досега покажа дека е клучен за квалитетна и успешна регулатива, која ќе биде основа за развој на енергетските пазари. Капацитетите со кои располагаме, професионалниот тим што се гради со години и овој пат може да одговори на сите предизвици што претстојат – изјавил Бислимоски.
Директорот Лорковски посочил дека Енергетска заедница ќе остане партнер во понатамошните процеси и дека стојат на располагање за поддршка во делот на креирање на подзаконските акти, откако ќе се донесе новиот закон за енергетика. Е.Р.