Од групата Х, покрај Естонија, пласман обезбедија и Литванија и Полска. Македонија го завршува циклусот денеска, со дуелот со Полска во СРЦ „Кале“ во Скопје (18.30 ч.)
КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2025
Машката кошаркарска репрезентација на Македонија не успеа да се пласира на Европското првенство (ЕП) годинава, кое ќе се одржи во Финска, Кипар, Полска и во Летонија, откако во Талин, во петтото коло од квалификациите, загуби од Естонија со 65-84 (22-17, 16-22, 20-11, 26-15). За пласман на ЕП 2025, Македонија требаше да исполни и некои услови, а првиот беше да слави во Талин со најмалку шест поени разлика.
– Имавме добро прво полувреме против Естонија. Реализиравме сѐ што трениравме. Бевме добри во одбраната и ја контролиравме играта. Во второто полувреме промашивме многу отворени шутеви, еден реализиран од четиринаесет обиди, но кога не реализирате против селекција како Естонија, која со поддршка и од трибините многу лесно нѐ казни. Мораме да продолжиме понатаму и да се бориме за пласман на наредното првенство – рече македонскиот селектор Александар Јончевски.
Естонците, понесени од домашната публика во „Унибет арената“, доминираа под кошевите, а и шутот ги служеше. Со оваа победа Естонија се пласира на ЕП, по седми пат, претходно во 1937 (петто место), 1939 (петто), 1996 (шесто), 2001 (14-то), 2015 (20-то) и во 2022 (19-то). Македонија има пет учества, во 1999 година (13-то место), 2009 (деветто), 2011 (четврто), 2013 (21) и во 2015 година (19). Од групата Х, пласман обезбеди и Литванија, која на гости ја совлада со 60-48 Полска, која, исто така, ќе игра на ЕП 2025, како еден од кодомаќините.
Последниот дуел на македонската селекција во овие квалификации е денешниот со Полска во СРЦ „Кале“ во Скопје (18.30 ч), Полјаците досега настапиле на 30 ЕП, а имаат едно сребро, освоено на свој терен (во 1963 година) и три бронзи (1939, 1965 и 1967). На минатото ЕП, во 2022 година, беа четвртопласирани, по поразот во дуелот за бронзата од Германија со 69-82. Г.И.
Македонија ќе игра во претквалификации за СП 2027
Македонија не успеа да биде дел од кошаркарското Европско првенство (ЕП) годинава, а тоа значи играње на претквалификациите за пласман на Светското првенство (СП) во 2027 година. Следното ЕП е во 2029 година.
Во тие претквалификации се познати дел од можните ривали, односно оние што се елиминирани од сегашниве квалификации за ЕП 2025, а тоа се Хрватска, која првпат нема да бидат дел од ЕП (претходно 14 настапи), Словачка, Холандија, Данска, Украина, Исланд или Унгарија, како и последнопласираната селекција од групата Д (Германија, Црна Гора, Шведска или Бугарија).
Вкупно 12 репрезентации ќе бидат поделени во четири групи со по три селекции, а во секоја од нив ќе има по една од првиот круг на претквалификациите и две што беа елиминирани од квалификациите за ЕП 2025. Првите две селекции од секоја група одат во главните квалификации за СП 2027, каде што ќе им се приклучат на другите селекции.
Сите потенцијални противници на Македонија во претквалификациите ќе се знаат денеска, по завршувањето на овој трет циклус од квалификации за ЕП 2025.
По пет кола 20 репрезентации се пласираа на ЕП 2025
Досега на кошаркарското Европско првенство (ЕП), покрај кодомаќините Полска, Летонија, Кипар и Финска, пласман обезбедија Србија, Грузија, Литванија, Словенија, Израел, Турција, Италија, Шпанија, Белгија, Грција, Естонија, Велика Британија, Чешка, Франција, БиХ и Португалија.
За преостанатите четири места од групата Б конкурираат Исланд и Унгарија, а крајно неизвесно ќе биде и на денешните мечеви во групата Д, каде што играат Германија, Црна Гора, Шведска и Бугарија.
Ждрепката за континенталното натпреварување е закажана за 27 март во Рига, каде ќе се игра финалето. На годинашново ЕП ќе учествуваат 24 репрезентации, а титулата од 2022 година ќе ја брани Шпанија, која во тогашното финале во Берлин, пред 13.042 гледачи, ја совлада Франција со 88-76. Г.И.
ГРУПА Х
Естонија – Македонија 84-65
Полска – Литванија 48-82
ТАБЕЛА
Естонија 5 4 1 391-359 9
Литванија 5 4 1 400-316 9
Македонија 5 1 4 369-405 6
Полска 5 1 4 349-429 6
Двојки за денеска: Литванија – Естонија (18 ч.), Македонија – Полска (18.30 ч.)