Црногорското народно позориште ќе гостува во МНТ

По потпишувањето на меморандумот за соработка меѓу Македонскиот народен театар и Црногорското народно позориште, на големата сцена во МНТ, на 17 март, во 20 часот, ќе гостува претставата „Господа Глембаеви“, во режија на Данило Маруновиќ, по текст на Мирослав Крлежа, а во продукција на ЦНП. Во претставата играат: Светозар Цветковиќ, Кристина Обрадовиќ, Мишо Обрадовиќ, Уна Лучиќ, Данило Чечебиќ, Павле Прелевиќ, Емир Ќатовиќ, Стеван Вуковиќ, Кристина Мркиќ и Предраг Павиќевиќ.
Режисерот Данило Маруновиќ изразува големо задоволство што имал можност да го постави ова култно дело на Крлежа токму на сцената на Црногорското народно позориште.
– Првпат ја прочитав драмата „Господа Глембаеви“ на Крлежа како средношколец и се заљубив во неа. Повеќе од една деценија барав можност да ја поставам „Господа Глембаеви“ и сега, кога дојде таа шанса, дури сфатив колку е всушност (освен некоја основна театарска и уметничка одговорност) присутна одговорноста да го реализираш Крлежа во дешифриран код на сегашноста, а да не отидеш предалеку од него – вели режисерот.
Маруновиќ забележува дека драмата денес е уште поактуелна отколку кога била напишана, и успешно го вткајува во неа актуелниот општествено-политички контекст.
Драматург е Божо Копривица, адаптацијата е на Бојана Мијовиќ и Данило Маруновиќ, кој го направи и изборот на музиката, сценограф е Валентин Светозарев, костимограф е Вања Цирај-Џуџа. Сценските движења ги направи Тамара Вујошевиќ-Мандиќ, сценскиот говор е на Дубравка Дракиќ, а извршна продуцентка е Нела Оташевиќ.
„Господа Глембаеви“ премиерно беше изведена на 17 декември 2024 година и наиде на позитивен одзив од страна на црногорската публиката, а ова е прво нивно гостување. Македонската публика ќе има можност, по речиси десет години, повторно да ги гледа актерите од Црногорското народно позориште.
Нашата публика ги помни трите постановки на „Господа Глембаеви“ во продукција на МНТ. Повозрасната публика буди спомени од првата, која беше реализирана во 1955 година, во режија на Раша Плаовиќ, потоа постановката во 1974 година, во режија на Владимир Милчин, и последната од 1996 година, во режија на Љубиша Георгиевски со над 150 изведби. В.Д.