Францускиот институт во Скопје и Факултетот за информатика и компјутерски технологии организираат дебата на темата „Вештачката интелигенција и културата: револуција или еволуција?“, која ќе се одржи вечерва, во 19 часот, во „Јуроп хаус“ во Скопје, во рамките на десеттото издание на меѓународната манифестација „Ноќ на идеите“. На дебатата ќе учествуваат: Жан-Габриел Ганасија, професор по информатика на Универзитетот во Сорбона и автор на десетина книги, вклучувајќи ја и последната, „Вештачката интелигенција објаснета на луѓето“ (2024); Андреа Кулаков, професор на Факултетот за информатика и компјутерски технологии, и Илија Тирицовски, продуцент, кој ќе го претстави проектот „РеKреирање на иконите“. Модератор на дебатата е Филип Аврамчев, организатор на Меѓународниот самит за вештачка интелигенција, кој се одржа во Скопје во октомври 2024 година.
Настанот ќе го отвори Кристоф Ле Риголер, амбасадор на Франција.
– Дискусијата ќе се фокусира на тоа дали вештачката интелигенција може да создаде оригинална уметност или само ги репродуцира постојните модели, дали може да ги замени уметниците и писателите или, пак, да служи како алатка што ја поттикнува иновацијата, потоа како да се дефинира улогата на авторските права при дела создадени со помош на ВИ, како и начинот на кој оваа технологија може да ја демократизира глобалната пристапност до културата и уметничките дела – се наведува во најавата.
Жан-Габриел Ганасија е реномиран француски информатичар и филозоф. По студиите по инженерство и филозофија, тој го брани докторатот на Универзитетот во Орсе за системи базирани на знаење, како и државната докторска теза за автоматско симболичко учење. Тој е професор по информатика на Факултетот за наука и инженерство на Универзитетот во Сорбона и долгогодишен член на високата академска установа „Универзитетски институт на Франција“. Тој ги спроведува своите истражувања во Информатичката лабораторија на „Сорбона“ во Париз, каде што раководи со тимот за когнитивно и симболичко автоматско учење, како и во рамките на Опсерваторијата за книжевни текови, идеи и корпуси. Како специјалист за вештачка интелигенција при Европската асоцијација за вештачка интелигенција и за анализа на податоци, неговите тековни истражувања се фокусирани на дигиталните хуманистички науки, фузијата на податоци, компјутерската етика и етиката на информатичките и комуникациските технологии. Жан-Габриел Ганасија објавил повеќе од 450 научни статии, а автор е и на неколку книги: „Митот за сингуларноста: дали треба да се плашиме од вештачката интелигенција?“, „Вештачка интелигенција: кон програмирана доминација?“, „Што останува од човекот?“, „Набљудување и моќ: кој нè следи?“, „Когнитивни науки“. Својата најнова книга ја издаде во 2024 година, а насловена е „Вештачката интелигенција објаснета на луѓето“.