Министерството за социјална политика демографија и млади (МТСП) ги информира жителите на Општина Врапчиште дека по извршен контролен инспекциски надзор во ЈОУДГ „Пранвера“ Врапчиште утврдено е дека Општина Врапчиште по одземање на ингеренциите на градоначалникот на Општината во делот на именување на в.д. директор на установата и поставување на в.д. директор од страна на министерството, го одзела возилото од предучилишната установа (сопственост на општината), иако во јуни 2021 година го дала на користење на предучилишната установа на неопределено време.
– Се до 31.1.2025 година, кога е извршена законска смена на в.д директорот на предучилишната установа, таа го користела возилото за дотур на храна за 40 деца згрижени во објектот во село Добри Дол. Оттогаш па до денес храна во овој објект се врши отежнато со помош на приватни возила – стои во соопштението.
Од МТСП посочуваат дека повторно градоначалникот на Општина Врапчиште и Општината Врапчиште вршат грубо кршење на Законот за заштита на децата со оглед на, како што наведуваат, фактот дека се основачи на предучилишната установа и се надлежни за непречено функционирање на установата.
– Во овој случај, со попречување на секојдневниот тек на работите, односно одземање на возило за дотур на храна, вршат груба повреда на своите овластувања, на штета на своите најмали жители на општината – децата. За да биде иронијата поголема денес 10.2.2025 година од страна и налог на општината, исклучено е греењето и струјата во матичниот објект на градинката во село Врапчиште кој е составен дел на училиштето, на температура од – 5 C степени. Освен грубо кршење на законот со последниот чин градоначалникот ги прекрши и правата на децата согласно Конвенцијата за правата на децата – се вели во соопштението.