Фото: Пиксабеј

Како влијаат мултивитамините на животниот век?

Тие се главниот избор во исхраната на милиони луѓе, но ако мислите дека земањето мултивитамини ќе придонесе да живеете подолго, веројатно се лажете. Американски лекари и научници следеле околу 300.000 луѓе постари од 20 години и откриле дека земањето на наводниот еликсир на животот „не дава никаква предност во однос на смртноста“. Истражувањето потврди дека „употребата на мултивитамини не го продолжува животниот век“, истакнаа тие во написот објавен од Американското медицинско здружение.
И покрај фактот дека мултивитамините имаат мал придонес за долговечноста, вклучувајќи и кај болните луѓе и кај оние со лоша исхрана, „многу возрасни луѓе во САД велат дека ги користат за одржување или за подобрување на своето здравје“, додаваат истражувачите, проценувајќи дека околу една третина од населението на САД ги зема.
Истражувањето следува по извештајот од 2022 година, кој не можеше да најде докази дали употребата на мултивитамини е корисна или штетна.
Новото истражување го зеде предвид т.н. ефект на здрав корисник, кој влијае на ефикасноста на мултивитамините. Во овој случај, луѓето што земаат додатоци во исхраната имаат тенденција да јадат подобро, имаат помала веројатност да почнат да пушат и поголема веројатност да вежбаат. Мултивитаминските додатоци во исхраната се рекламираат како супстанции што го зајакнуваат имунитетот, го зголемуваат нивото на енергија, ги зголемуваат виталноста и општата благосостојба, но ова истражување следи сè поголем број истражувања што откриле мала или никаква корист од нив.
– Иако веројатноста дека тие се штетни е мала, веројатноста дека имаат јасни здравствени придобивки е исто така многу мала, а ние сè уште немаме јасни докази за таквите придобивки – велат од Медицинскиот факултет на „Харвард“.