Изминатите шест месеци докажавме дека може да се смени сликата на „Железници Транспорт” и неблагодарно е зад претпријатието да стои префиксот загубар. Довербата на добавувачите е вратена, тие веќе немаат кочница дали сме клиент, а вратена е целосно и довербата кон доверителите. Сите деловно-технички релации со компаниите за одржување во регионот и пошироко се обновени. Сега сме во 24-часовна комуникација со кој било од железничкиот бизнис во југоисточна Европа и тоа зборува на која патека сме, рече денеска генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „ЖРСМ Транспорт“ Дејан Кошутиќ.
Тенденцијата е, нагласи Кошутиќ, е „Железници Транспорт” да достигне просечен годишен приход меѓу 12 – 13 милиони евра како што беше во 2012 година.
Како што изјави Кошутиќ, 70 отсто од долгот на „Железници Транспорт”, 13,5 милиони евра, колку што вкупно бил пред пет месеци, не е од оперативното работење, туку од некомпетентност и несовесно работење. Многу е едноставно, истакна директорот, да се направи долг кога не се плаќало апсолутно ништо, независно дали станувало збор за 7 500 денари за електронско следење на Службен весник или пет милиони денари за струја.
– Жално е, а има низа субјективни причини поради кои изминативе години е направена црна слика за железницата. Невозможно е секаде товарната железница да биде профитабилна, само кај нас да е непрофитабилна во изминатите пет години, а имаме 220 километри пруга од Табановце до Гевгелија, напомена Кошутиќ, одговорајќи на новинарски прашања.
Тој ги оправда ланските протести на врабоптените со образложение дека очекувале работа и месечни примања, но, никој, нагласи, не се грижел за тоа.
– Главен предизвик кога бевме избрани беше луѓето во трите големи претпријатија, „Железници Транспорт”, „Железници Инфраструктура“ и „Македонски пошти“ да земаат плата. Од јули лани нема никаков проблем со тоа, а гледаме и први добри резултати. Пристапивме менаџерски, прво гледавме да ја стабилизираме компанијата, а потоа и да доаѓаат резултати, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николовски по посетата на „Железници Транспорт”.