Настанот „Чисти води за здрава иднина: патот кон зачувување на Треска“ се одржа во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје. Организатор е „Аналитика тинк-тенк“, а станува збор за финален настан од проектот „Младински активизам за одржливи реки: Заштита и зачувување на биодиверзитетот на реката Треска“, кој го спроведува „Аналитика – Скопје“ со поддршка на Амбасадата на Канада. Настанот го отворија заменик-амбасадорот на Канада, Дејвид Морган, заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, и државната секретарка во Министерството за локална самоуправа, Јулијана Павковска-Боцевска.
Овој настан го отвори прашањето колку е загрозена реката Треска и што може да се направи за нејзино зачувување. Беа претставени резултатите од истражувањата за состојбата на реката, како и конкретни препораки за нејзина заштита. На настанот се организираше и панел-дискусија на темата „Патот кон зачувување на Треска“ со следните говорници: Маја Христовска, проектна експертка, „Аналитика тинк-тенк“, Беким Ќаили, експерт за биологија, хемија и животна средина, Горјан Христовски, претставник од здружението „Рибар“ и Борче Треноски, Економски факултет при УКИМ. Беа презентирани и видеа со документирани еколошки проблеми и решенија за зачувување на реката.