На 13 април, на сцената на Националната опера и балет ќе биде изведена премиера на театарската комедија „Ако сум жена, не сум коњ“, претстава што низ хумор и емоција ги истражува љубовните предизвици со кои се соочуваат жените во модерното општество.
– Комедија за силни жени и храбри мажи. Урнебесна и искрена приказна за една паметна, амбициозна и љубопитна жена, која, во потрага по „вистинскиот“, се соочува со серија комични и емотивни предизвици. Од првата љубов, преку разочарувањата, до зрелите години, таа поминува низ живот исполнет со среќни, но и апсурдни моменти. Приказна за една паметна девојка што прави глупави работи. Поради љубовта. Поради биолошкиот часовник. Поради баба ѝ, која ја тера да се омажи. За мажите што не сакаат да се оженат. Приказна што ќе ве насмее и расплаче. Приказна што секоја жена ќе ја разбере… Дали постојат среќни краеви во љубовта или нас, како што вели главната хероина, нѐ „излажал Холивуд“? – стои во најавата.
Преку силен и провокативен текст, оваа претстава нуди уникатен пристап кон темите за родовата еднаквост, менталното здравје, стереотипите и борбата за сопствено место во светот. „Ако сум жена, не сум коњ“ ја рефлектира вистината на многу жени, но и ја пренесува универзалната порака за храброст и упорност, која допира до секого.