Во издание на „Бата прес“ излезе од печат книгата за деца и млади „Децата нивни по нив“ од францускиот писател Никола Матје. Автор на преводот од француски на македонски јазик е Ацо Перовски. Објавувањето на ова дело е поддржано од Министерството за култура и од Европската Унија, во рамките на проектот „За нивната иднина“ со кој „Бата прес“, во програмата „Креативна Европа“, објави 15 книги за деца и млади од 15 познати европски автори.
Во романот, за кој во 2018 година му е доделена престижната награда „Гонкур“, авторот Никола Матје брилијантно го отсликува периодот на адолесценција и суптилно го следи животното и политичкото стасување на генерацијата, која се обидува да го пронајде сопствениот пат во светот што го добила во наследство. Според овој роман беше снимен истоимениот филм што ја доживеа својата премиера на Интернационалниот филмски фестивал во Венеција во 2024 година, а филмот беше награден со наградата „Марчело Мастројани“. „Децата нивни по нив“ од Никола Матје зборува за луѓето фатени во мрежата на глобализација, за семејствата што се заглавени меѓу носталгијата и пропаѓањето, за личностите распнати меѓу пристојноста и гневот, животноста и сензуалноста. Емпатијата и раскажувачка сила на овој роман ќе ве остават без здив.
Никола Матје е роден во 1978 година во Епинал, Франција. Студирал историја и филмска уметност во Париз. По завршувањето на студиите работел како новинар, а подоцна и како сценарист во Париз. Својата прва книга „Војна на животните“ ја објавил во 2014 година и по неа е снимена позната француска ТВ-серија. Новелата „Роз Ројал“ ја објави во 2019 година, а неговиот трет роман „Конемара“ е објавен во 2022 година. Неговата најнова книга „Отвореното небо“ е објавена во 2024 година.