Креативно катче
Во уметничкиот салон на Центарот за култура во Кичево неодамна беше отворена ликовна изложба на дела создадени од ученици што се дел од „Лулу-арт студио“ од овој град. Овие дела се создадени од страна на 38 ученици, членови на ова студио, кои за првпат беа претставени на изложбата отворена во саботата вечерта, во Кичево.
– На изложбата отворена во Центарот за култура со работен наслов „Кичево во бои“ беа претставени 38 слики изработени во техника акрил на платно, од исто толку ученици членови на студиото. Овие уметнички слики вечерва за првпат се изложени во нашиот град и се специјално изработени за ова претставување. И низ овие дела се потврдува големиот талент на децата ученици, од кои се очекува во иднина голем дел да станат и ликовни уметници. Сите слики се изработени со висок квалитет и тешко е да се добие впечаток дека ги изработиле деца на оваа возраст. Им благодарам на сите присутни што вечерва во толкав број го удостоија отворањето на нашата изложба, која сметаме дека во целост ги задоволи и нивните вкусови – истакна сопственичката на ликовното студио, Лулзиме-Лулу Османи, професорка по ликовна уметност.
Таа на сите членови на ликовното студио за учество на оваа изложба им додели благодарници.
Tекст и фото: Зоран Антоски