Деветта авиолинија во земјава најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, на меѓународната конференција за бизнис-дипломатија, додавајќи оти „сѐ уште не може да каже јавно за што станува збор, но дека дијаспората ќе биде многу среќна кога ќе слушне“.
Очекувањата на Николоски се дека пред нас е стабилна и исклучително успешна година со рекорден број странски инвестиции, како и дека Македонија ќе биде „број еден во регионот“.
– Имам потврда за деветта авиолинија, но сѐ уште не можам да ја кажам јавно. Мислам дека нашата дијаспора ќе биде многу среќна кога ќе ја слушне. Како Влада во овие 6,5 месеци имаме девет нови авионски линии, а можам да најавам и почеток на реконструкција на терминалната зграда на охридскиот аеродром – истакна Николоски.
Во обраќањето на конференцијата, тој се осврна и на другите инфраструктурни проекти. Тој очекува, како што рече, до почетокот на летната сезона да бидат пуштени 40 километри од автопатот Охрид – Кичево, како и „многу убави вести во следниот период“ за брзата пруга на коридорот 10, која треба да биде главниот крвоток на Македонија.
Вицепремиерот Николоски претходно истакна дека во рекорден рок и успешно се завршени два експресни патишта Куманово-Страцин-Крива Паланка и делницата Градско-Дреново, што претставува доказ за посветеноста и работењето на Владата и создавањето нова квалитетна патна мрежа. Н.М.