Со цел зголемување на личната безбедност во зимски услови, неделава, ренџерите од Националниот парк (НП) Шар Планина поминаа обука за стекнување знаења и вештини при појава на лавини. Оттаму велат дека снегот, што особено годинава го има во изобилство, е постојан ризик од појава на лавини во повисоките планински подрачја, па затоа била потребата за ваква обука.
– Обуката пред сè беше наменета за личната безбедност на ренџерите затоа што тие се движат низ планината и по терени каде има потенцијален ризик од лавини. Тоа не значи дека намерно одат натаму меѓутоа никогаш не може да се знае што ќе се случи. Обуката ја правеше еден од нашите вработени кој веќе има поминато ваква обука. Тој ги обучуваше своите колеги како да ја користат опремата која ја имавме набавено минатата година, како да прават лавински профили, стабилност на снежна покривка, откопување на затрупани лица од лавина – информираше Анела Ставреска Панајотова, раководител на секторот за заштита на природата при НП Шар Планина.
Брзото интервенирање при појава на лавина, односно реакција најмногу 15 минути по случувањето е клучната можност за спасување човечки живот.
– Лавинската опасност е еден од најголемите ризици во зима, но, поради оддалеченоста на терените, периодот за да спасиш некого кој е затрупан од лавина е многу краток, најмногу 10 до 15 минути, што значи дека спасувачот треба да биде присутен на самото место за успешно да реагира, односно да се спаси животот на затрупаниот. Затоа скијачите, планинарите и другите посетители на планината, да не се охрабруваат и да одат на ризични терени со мисла дека ако бидат затрупани од лавина некој ќе ги спаси. Затоа оваа обука беше наменета за личната безбедност на вработените од Националниот парк кои се движат низ планината и на потенцијално опасни места. Затоа тие со себе носат трекер, па доколку биде затрупан, преку сигналот кој го емитува трекерот, со помош на сонда брзо да биде пронајден од своите колеги и да биде спасен – вели Анела Ставреска Панајотова.
Таа вели дека секој наклон на снегот поголем од 30 степени е потенцијален ризик од лавина, а на Шар Планина има повеќе такви места. Националниот парк Шар Планина има површина од 63.000 хектари.