Конечната цел за вложувањата во НАТО, според Руте, може да биде околу 3,6 или 3,7 отсто од БДП, освен ако не се постигне подобар договор за заедничко купување оружје и опрема, како и за иновации. Руте исто така инсистира дека Европа сè уште е поврзана со САД за нејзините безбедносни потреби. Тој смета дека е илузија да се мисли оти Европа може самостојно да се организира во делот на „воено-безбедносната автономија“
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, бара од Европа парите за пензии и здравство да ги вложи во оружје
ЕУ треба да ги преиспита своите приоритети за трошење на средствата од својот буџет и да се престрои во насока на зголемување на буџетите за одбрана, изјави новиот генерален секретар на НАТО, Марк Руте, пред Европскиот парламент во понеделникот. Апелот на Руте дојде по повикот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за зголемување на вложувањата во одбраната. За потсетување, Трамп минатата недела ги повика сојузниците од НАТО да вложат пет отсто од БДП за одбрана, значително повеќе дури и од САД, кои сега издвојуваат 3,38 отсто.
– Во просек, европските земји лесно трошат до четвртина од својот национален приход на пензии, здравствени и социјални системи, а ни треба само мал дел од тие пари за да ја направиме одбраната многу посилна – рече Руте пред европратениците.
Повеќето земји од ЕУ исто така се членки на НАТО, а во последната деценија алијансата ги повика да потрошат најмалку два отсто од својот БДП за одбрана, со што 24 од 32 членки на НАТО сега ја исполнуваат таа цел.
Реномираниот „Политико“ анализира дека „достигнувањето на двата отсто беше тешко, а прагот од пет отсто изгледа недостижен“. Конечната цел за вложувањата во НАТО, според Руте, може да биде околу 3,6 или 3,7 отсто од БДП, освен ако не се постигне подобар договор за заедничко купување оружје и опрема, како и за иновации. Руте исто така инсистира дека Европа сè уште е поврзана со САД за нејзините безбедносни потреби. Тој смета дека е илузија да се мисли оти Европа може самостојно да ја организира одбраната.
Руте бара засилување на европската одбранбена индустрија со сојузници надвор од ЕУ, намигнува ли кон САД?
Важно прашање претставува и создавањето сопствена европска одбранбена индустрија. Руте ја поздрави Европската програма за одбранбена индустрија на ЕУ со фонд од 1,5 милијарда евра, кој ќе биде насочен кон поттикнување на локалното производство на оружје. Руте го нарече сегашниот сектор за оружје во Европа „премал, премногу фрагментиран и пребавен“.
Постои спор околу тоа дали компаниите што не се членки на ЕУ треба да имаат лесен пристап до ЕДИП, но Руте предупреди дека тој не треба да се користи за исклучување на сојузниците.
– Вклучувањето на сојузниците што не се членки на ЕУ во одбранбените индустриски напори на ЕУ е од витално значење, верувам, за безбедноста на Европа. Трансатлантската одбранбена индустриска соработка нѐ прави сите посилни – рече Руте.
Во своето прво појавување во Европскиот парламент како шеф на НАТО, Руте рече дека целта е да се „зближат НАТО и ЕУ“ за да се спротивстави на „кампањата за дестабилизација“, од надворешни ривали, до сајбер-напади и нуклеарнa пролиферација.
– Сега сме безбедни, но не за четири или пет години. Длабоко сум загрижен за безбедносната ситуација во Европа. Не сме во војна, но не сме ниту во мир… Тоа значи дека треба да инвестираме повеќе во одбраната и да произведеме повеќе капацитети. Ова не може да чека. Треба да ја зајакнеме отпорноста на нашите општества и критичната инфраструктура – истакна Руте.
Војната во Украина ги смени односите помеѓу НАТО и ЕУ
И двете институции, НАТО и ЕУ, се со седиште во Брисел, и тие долги години имаат заемни тесни односи. НАТО се фокусираше на одбраната и трансатлантските односи, додека ЕУ тежишно водеше сметка за прашања како економијата, трговијата, земјоделството, климата… Но војната во Украина ја промени состојбата.
Доминацијата на НАТО во сите работи во областа на воено-безбедносните прашања се промени, при што ЕУ го назначи својот прв посветен комесар за одбрана, а Европскиот парламент создаде т.н. Комитет за одбрана. Тоа беше и причина за одредено искричење во односите и за создавање одредени (нови) тензии. И во краткото писмо до претседателката на комисијата, Урсула фон дер Лајен, минатата година, претходникот на Руте, Јенс Столтенберг (меко, дипломатски) напиша дека е „загрижен поради потенцијалното преклопување“ со активностите на ЕУ.
Но, за разлика од Столтенберг, чија земја не е членка на ЕУ, долгите години на Руте како холандски премиер му дадоа инсајдерски поглед за тоа како функционира Унијата и да има нов дискурс кон односите НАТО-ЕУ. Аналитичарите забележуваат дека тој „дискурс е многу повоинствен, милитантен“.
– НАТО и ЕУ имаат многу работи да направат заедно – во врска со ова изјави генералниот секретар на НАТО, Руте. Сепак, тој беше претпазлив во врска со навлегувањето на ЕУ премногу далеку на „територијата“ на НАТО, спомнувајќи дека алијансата „сѐ уште е силна“, анализира „Политико“. Р.С.
2025 година ќе биде година на забрзување на оружената индустрија во Европа
Апел од ЕУ да се троши повеќе на вооружување за да се задржи присуството на САД во Европа
Заедничкиот став на Германија, Велика Британија, Франција, Полска и на Италија по состанокот во Полска во понеделникот е дека иднината на Европа зависи од зголемувањето на воените трошоци.
– Мораме да трошиме повеќе на безбедноста за да го задржиме сојузничкото присуство на САД во Европа – рече Косињак-Камиш.
– Да, мораме да зборуваме за тоа колкав процент од БДП ќе потрошиме за одбраната, но исто така треба да бидеме многу заинтересирани за што се трошат овие пари, особено за реалната ефективност на овие трошоци – изјави францускиот министер за вооружени сили Себастиен Лекорну.
– Впрочем, 2025 година ќе биде година на забрзување на оружената индустрија во Европа, оддалечување од бирократијата што ја забавува бидејќи мора да имаме единство за да покажеме дека сме сериозни за вредностите како што е безбедноста, за која мислиме дека е број еден – рече полскиот министер за одбрана Владислав Косињак-Камиш
Полска има цел да потроши 4,7 отсто од својот БДП за одбрана годинава, убедливо највисоко од која било членка на НАТО. Обединетото Кралство, Франција и Германија трошат поблиску до два отсто, колку што изнесува сегашната цел на НАТО, додека Италија издвојува 1,49 отсто.
Групата на петте европски одбранбени сили формирана минатата година се состана по вторпат во понеделникот. Таа има цел да ја зајакне одбранбената координација во исклучително повеќеслојно турбулентниот период во кој подолго време е ЕУ. Р.С.