Ангел Богатиновски од Виница наполни 92 години на 15 ноември, а точно на овој датум пред една година тој во библиотеката „Ванчо Прке“ ја промовираше својата втора книга „Цртички од животот“. И покрај годините, тој вели дека во себе има енергија за уште творби и за уште животни предизвици.
Роден е во селото Оризари, но речиси целиот живот го минал во Виница како учител. Исто така, тој е пасиониран собирач на локални архаизми, истражувач, поет и раскажувач.
– Ова е најубавиот роденден што сум го доживеал. Книгата „Цртички од животот“ е плод на моето богато животно искуство – вели овој витален човек во третата доба.
Тој во себе носи голема љубов кон децата, учениците, семејството, кон македонскиот народ и култура.
Во книгата има легенди, преданија, песни за родниот крај, поезија, сеќавања за неговите ученички денови, за љубовта кон жената. Издадена е со поддршка на Општина Виница и отпечатена е во 500 примероци, а освртот го напиша Љубинка Ајтовска.
На Ангел Богатиновски му посакуваме добро здравје и чиста мисла и во иднина, па и во својата десетта деценија сѐ уште да твори. И секако да продолжи на адресата на „Колибри“ да ги испраќа своите писма, раскази и песни, напишани со трепетен ракопис.
М.Т.
Мама ја донесе Ана на пазарот во Виница
Мама и Ана едногласно решија да го посетат пазарот во Виница и да купат тапанче за малото девојченце. Денес радосно одат од тезга до тезга и одеднаш, на една од нив здогледаа тапанче. Ана беше збунета, бидејќи досега не видела толку народ на едно место, па затоа со своето раче цврсто ја стегна мајчината рака. Таа скокна од радост кога ја здогледа играчката и побара од мајка си веднаш да го плати тапанчето. И така беше, по што тие си заминаа накај дома.
Кога стигнаа, Ана уште еднаш се заблагодари за подарокот и почна да тупа.
– Така е кога ќе внесеш „немирко“ дома – прокоментира мајка ѝ.
А разиграната Ана почна да пее:
Тапа тупа, тапа-тап!
Скокам, играм, пеам,
весело се смеам!
Тапа-тупа, тапа-тап,
по тапан удирам,
пак и пак, тапа-тап!
Автор: Ангел Богатиновски