Илон Маск / Фото: ЕПА

Не е јасно кои се неговите мотиви во уништувањето на односите со традиционалните сојузници на САД од Групата седум, каде што тој има значајни деловни интереси. Критичарите на Маск велат дека како мултимилијардер со глобални деловни интереси, од лансирање сателити до вештачка интелигенција, тој не нуди само обични мислења. Тие ги гледаат неговите објави како дел од моделот на поддршка за десничарските националистички партии и поединци, кои претставуваат основен предизвик за европското единство

Кои се мотивите на милијардерот Илон Маск за зачестените критики кон европските лидери

Откако успешно работеше на изборот на „својот“ кандидат во САД, Илон Маск го насочува својот нишан кон Европа. Во серија објави на својата платформа Икс последниве недели, милијардерот, поддржувач на Доналд Трамп, се настрви на Германија и Обединетото Кралство, критикувајќи ги нивните влади, доведувајќи ги во прашање законите што тие ги донесоа и фрлајќи сомнеж врз нивната економска компетентност.
Тој лично го навреди политичкиот лидер на секоја од овие земји, нарекувајќи го германскиот канцелар Олаф Шолц „будала“, германскиот претседател „тиранин“, додека го обвини британскиот премиер Кир Стармер дека е „соучесник во силувањето на Британија“. Тој ја прескокна мејнстрим-опозицијата за да ја поддржи крајната десница, сметајќи ја за шампион на „политичкиот реализам“.
Не е јасно кои се неговите мотиви во уништувањето на односите со традиционалните сојузници на САД од Групата седум, каде што тој има значајни деловни интереси, а уште помалку е јасно каква е неговата способност да ја изврши промената што ја бара.
Интервенциите на Маск предизвикаа гнев измешан со збунетост, обединувајќи ги европските влади со опозиционерите во осуда на неговата тактика. Но, со малку опции на располагање, неговите цели се во неповолна положба, бидејќи одмеруваат како да му се одговори на човек што изгледа дека не може да одолее на објавување на своите мисли, колку и да се директни и нефилтрирани, и кој е во дослух со идниот американски претседател.
– Маск ја гради својата империја и тестира колку далеку може да оди. Како најбогата личност на светот, неговите постапки веројатно не се за заработка на повеќе пари, туку тој ја зголемува својата моќ и го користи своето влијание за да го промени светот. Се разбира, ова е огромен чин на надменост и на големо его. Но Маск е убеден дека знае што е најдобро – рече Алексис Вичовски, професорка на Универзитетот „Колумбија“, специјализирана за технологија, влада и моќ.
Во Обединетото Кралство каде што Маск повика на ослободување затворен десничарски активист, истакнати политичари од десницата им рекоа на своите американски републикански колеги дека отишол предалеку, според луѓе запознаени со нивните комуникации. Ниту еден британски премиер никогаш не се соочил со споредливо јавно непријателство од толку висок глас во американската администрација, иако има неформална улога, и постапките на Маск претставуваа јасен ризик за односите меѓу Обединетото Кралство и САД, изјави висок британски функционер.
Владините претставници на Обединетото Кралство што работат на обезбедување американски инвестиции во Британија се особено загрижени. Секој голем американски капиталист и инвеститор го следи Маск на Икс и многумина ја почитуваат неговата деловна острина, истакнува еден соговорник, посочувајќи дека ако неговите објави внеле дури и мал сомнеж во мислите на инвеститорите за Британија како место за вложување на нивните пари, тогаш тоа би можело да ја чини економијата милијарди.
Прашањето е дали тој има крајна цел настрана од провокациите и што би можела да биде таа. Францускиот претседател Емануел Макрон го искористи надворешнополитичкото обраќање на 6 јануари за да го обвини дека се обидува да поттикне „реакционерен сојуз“ низ Европа.

Поранешниот стратег на Трамп го поддржа Маск

За Стив Банон, поранешниот главен стратег на Белата куќа, богатството и влијанието на извршниот директор на „Спејс екс“ и „Тесла“ се вредно оружје што може да се искористи за да се унапредат неговите сопствени популистички политички цели, усогласени со МАГА (политиката на Трамп – н.з) во Европа.
– Парите и информациите се двојната тактичка нуклеарна енергија на модерната политика и тој може да ги распореди и двете во невиден обем – рече Банон во интервју.
Банон отсекогаш тврдел дека издигнувањето на Трамп на претседателската функција во 2016 година било дел од глобалниот популистички бунт што започна со гласањето на Обединетото Кралство за напуштање на Европската Унија претходно истата година. По победата на Трамп, Банон работеше на култивирање на европското политичко влијание, со мешани резултати. Тој се здружи со популистичките политичари и се обиде да го поткопа европското единство. Тој го основаше она што го нарече „гладијаторска школа“ за обука на популистичко-националистички активисти во италијански манастир од 13 век. И покрај неговата честа антипатија кон Маск, при што Банон ги помина последните две недели во расправија со него за имиграциската политика на САД, Банон го поддржува неговото мешање во европската политика бидејќи сега мисли дека, со реизборот на Трамп, популистичкиот бран се движи во друга насока: од САД кон Европа.
– Го поддржувам неговото учество, бидејќи непријателот на мојот непријател е мој пријател – рече Банон.
Во случајот на Маск, непријател е левиот центар, во облик на шестмесечната лабуристичка влада на Стармер во Британија и администрацијата на Шолц во заминување, предводена од социјалдемократите во Германија.
Во новогодишниот текст во весникот „Ди велт“ во кој ги изложи своите причини за поддршка на АфД, Маск рече дека неговите инвестиции значат оти „заработил право да зборува искрено“ за политичката насока на најголемата европска економија.
Но тој отиде многу подалеку, велејќи дека само АфД, која се залага за излез од ЕУ и еврото, може да ја „спаси Германија“. Во однос на Обединетото Кралство, пак, Маск тврдеше дека „граѓанската војна е неизбежна“ и ги доведе во прашање постапките на Стармер во неговата мината улога како главен обвинител за време на скандал со сексуална злоупотреба на деца. Маск долго време флертуваше со Најџел Фараж, еден од првичните поборници на брегзит, за сега да повика на негова смена на лидерската функција во партијата Реформи на Обединетото Кралство, поради причини што допрва треба да ги наведе.
Тимот на Стармер сè уште нема вистински план за акција. Премиерот смета дека е залудна офанзивата на шарм во обид да го придобие Маск на своја страна, рече извор запознаен со ова прашање. Сепак, тој не сака ниту да возврати, бидејќи ако одговори на „мамката“ на Маск и биде вовлечен во постојани расправии, само ќе ги влоши врските со Трамп. Најповолниот исход за Стармер претставува Маск и Трамп брзо да се разделат и Маск да се раздели со претседателската администрација, тврди изворот на „Блумберг“.
Заостанувајќи во изборните анкети и оптоварен со слаб личен рејтинг, Шолц се чини дека има поакутен проблем од Стармер, кој не мора да одржи општи избори до 2029 година. Сепак, канцеларот доби пофалби затоа што го критикуваше Маск.
– Имаме слобода на говор, а тоа важи и за мултимилијардери. Но слободата на говор значи и дека можеш да кажеш работи што не се исправни – рече Шолц на 20 декември, кратко по првичната објава на Маск за поддршка на АфД.
Со помалку од седум недели до федералните избори, функционерите на AфД не можат да поверуваат во нивната среќа. Тие го гледаат Маск како идеална фигура што ќе ѝ помогне на лидерката Алис Вајдел да се спротивстави на постојаната антиамериканска струја во нејзината партија, определба што е особено силна во источните германски покраини, кои имаат силни симпатии кон Русија.
Тој, исто така, нуди можен пристап во таборот на Трамп, каде што досега доминираа европските лидери како Џорџа Мелони од Италија и Виктор Орбан од Унгарија. Присуството на европските лидери на инаугурацијата на Трамп месецов ќе даде индикација за тоа каде лежи лојалноста на двете страни. Сепак, анкетарите велат дека поддршката на Маск веројатно нема да ѝ помогне на АфД на изборите. Навистина, можно е да се одрази врз гигафабриката на „Тесла“ лоцирана надвор од Берлин. Јавната поддршка за бојкот на „Тесла“ се зголеми минатото лето кога Маск излезе во поддршка за Трамп, а тие татнежи повторно се слушаат во Германија.

Како се толкуваат изјавите на Маск?

Критичарите велат дека како мултимилијардер со глобални деловни интереси, од лансирање сателити до вештачка интелигенција, тој не нуди само обични мислења. Тие ги гледаат неговите објави како дел од моделот на поддршка за десничарските националистички партии и поединци, кои претставуваат основен предизвик за европското единство.
Германскиот вицеканцелар и министер за економија Роберт Хабек рече дека парите на Маск и „нескротливата комуникациска моќ“ не се насочени во поддршка на АфД од незнаење. Наместо тоа, „Маск ги зајакнува оние што ја ослабуваат Европа“, рече тој во новогодишното обраќање, додавајќи дека „слабата Европа е во интерес на оние за кои регулативата е неразумна граница на нивната моќ“.
Маск често се судира со ЕУ, најголемиот глобален креатор на дигитални правила, при што Европската комисија отвори истрага за Икс според нејзиниот закон за умереност на содржината, Законот за дигитални услуги или ДСА. Маск и претставниците на ЕУ, особено поранешниот „дигитален цар“ на ЕУ, Тјери Бретон, јавно се караа онлајн. Додека новоименуваната комисија има повеќе помирувачки тон, Маск останува остар критичар, неодамна омаловажувајќи ја сателитската констелација на блокот од 27 нации како „детска играчка“ во споредба со неговиот „Старлинк“.
Стратегијата на Маск, барем во Германија, се чини дека е независна од Трамп. Новоизбраниот американски потпретседател Џеј-Ди Венс објави дека нема да ја поддржи АфД, образложувајќи на Икс, „бидејќи тоа не е моја земја и се надеваме дека ќе имаме добри односи со сите Германци“.
За Банон, победата на Трамп на претседателските избори докажала дека тој е „граната“ што ќе го разнесе американскиот политички (неолиберален) естаблишмент, со што верува дека Маск може да биде позициониран да го постигне истото во Европа.
– Маск потроши четвртина милијарда долари за да го избере Трамп. Ако ја вложи истата сума пари во Европа, ќе ја префрли секоја нација на популистичка агенда. Не постои центристичка левичарска влада во Европа што ќе може да го издржи тој напад – вели Банон.
Тоа може да биде желба на Банон, кој долго време агитира за популистичка револуција. Сепак, Маск, со практично неограничени ресурси, можеби тукушто започнува.
Неговата успешна интервенција во име на Трамп донесе сознание дека тој има големо политичко влијание покрај неговото огромно деловно влијание, според Денис Стефан, професор по политичка комуникација и експерт за социјални медиуми на Слободниот универзитет во Берлин.