Фото: ЕПА

Новоизбраниот американски претседател деновиве гласно размислуваше во јавноста за нова форма на менаџирање врз Панамскиот Канал и врз Гренланд, покажувајќи дека неговата филозофија „Америка на прво место“ има и една друга, поширока димензија

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп јасно стави до знаење дека Соединетите Американски Држави имаат и безбедносни грижи за глобален мир и просперитет, вклучувајќи и комерцијални интереси, кои најдобро можат да се решат со ставање на Панамскиот Канал и на Гренланд под некаква форма на американско менаџирање, па дури доаѓа предвид и „целосна сопственост“.
Ваквиот тон на исказот на Трамп немаше двосмислен ниту несериозен карактер, како при неговите забелешки во последните недели дека „Канада треба да стане 51-та сојузна држава на Америка“, вклучувајќи ги и неговите коментари на социјалните мрежи за премиерот на земјата, кого шегобијно го ословуваше како „гувернерот Џастин Трудо“.
Наместо тоа, додека именуваше нов амбасадор во Данска, која ги контролира надворешните и одбранбените работи на Гренланд, Трамп во неделата јасно стави до знаење дека неговата понуда од првиот мандат за купување на територијата, во наредниот, втор мандат, може да стане сериозна понуда за евентуални билатерални разговори и договор.
Се чини дека Трамп, според аналитичарите, на Гренланд гледа со симпатии и поради стратегиската локација на островот, во време кога топењето на мразот на Арктикот отвора нова комерцијална и поморска конкуренција, како и поради резервите на ретки минерали потребни за напредна технологија.
– За целите на националната безбедност и слободата низ целиот свет, Соединетите Американски Држави чувствуваат дека сопственоста и контролата над Гренланд се апсолутна неопходност – напиша Трамп на социјалните мрежи.
Не е изненадувачки што владата на Гренланд веднаш ги отфрли барањата на Трамп, како што направи и во 2019 година, кога тој првпат ја изнесе таквата идеја.
– Гренланд е наш. Ние не сме на продажба и никогаш нема да бидеме на продажба. Не смееме да ја изгубиме нашата долга борба за слобода – наведе премиерот Муте Егеде во изјавата.
Кабинетот на данскиот премиер беше повнимателен, пишувајќи во соопштение дека владата „со нетрпение очекува да работи со новата американска администрација“ и не понуди дополнителни коментари за забелешките на Трамп.

Трамп и Панамскиот Канал

Деновиве Трамп ја обвини Панама за екстремно високи давачки за американските бродови што минуваат низ Панамскиот Канал. Тој предложи, доколку не се промени тоа, дека „ќе се откаже од договорот од ерата на Џими Картер“, со кој сета контрола врз зоната на каналот ѝ е вратена на Панама.
– Комплетниот грабеж на нашата земја веднаш ќе престане – напиша Трамп, непосредно пред зголемувањето на давачките закажано за 1 јануари в година.
Тој изрази и загриженост дека каналот може да падне во „погрешни раце“.
Откако Трамп повторно го спомена Панамскиот Канал во говор во неделата, претседателот на Панама, Хозе Раул Мулино, рече „секој квадратен метар од Панамскиот Канал и неговите соседни зони е дел од Панама и ќе продолжи да биде така. За суверенитетот и независноста на нашата земја не се преговара“.

Шери Гудман: Сакаме да ги имаме сите тие територии блиску до нашето копно, за да се заштитиме

Изјавите на новоизбраниот претседател беа уште еден индикатор дека неговата верзија на „Америка на прво место“ не е толку интровертна. Во случаите со Гренланд и Панама во игра се и пошироки комерцијални и безбедносни интереси.
Но Трамп не е првиот претседател што искажа ваква желба: Хари С. Труман сакаше да го купи Гренланд по Втората светска војна, како дел од стратегијата од времето на Студената војна. Трамп може да даде дополнителен и актуелен аргумент во оваа сегашна констелација на светски односи, кога на пример Русија, Кина и Соединетите Американски Држави се натпреваруваат за контрола на арктичките рути за комерцијални бродови и поморски средства.
Во тој контекст, арктичките експерти не ја отфрлија понудата на Трамп за Гренланд како шега.
На пример, вонредниот професор на Кралскиот колеџ за одбрана во Данска, кој се фокусира на безбедноста на Арктикот, Марк Јакобсен, истакна дека реакцијата во Данска на последната понуда на Трамп беше гневна. Но Јакобсен рече дека Гренланѓаните, кои долго време бараат независност, можеби ќе се обидат да го искористат интересот на Трамп како можност за дополнително зајакнување на економските врски со САД.
Од 2009 година Гренланд има право да ја прогласи својата независност, но огромната територија со околу 56.000 луѓе сè уште во голема мера е зависна од Данска и никогаш не избрала да го следи тој пат. Интересот на Трамп може да му даде на Гренланд можност за повеќе американски инвестиции, вклучувајќи и во туризмот или во ископувањето ретки минерали, рече тој.
Шери Гудман, поранешна функционерка на Пентагон и висока соработничка на Поларниот институт при аналитичкиот центар „Вилсон“ со седиште во Вашингтон, чија книга „Мултипликатор на закани: клима, воено лидерство и борба за глобална безбедност“ делумно се фокусира на Арктикот, рече дека Соединетите Американски Држави имаат силен интерес да се осигурат дека Кина нема да развие силно присуство во Гренланд.
– Сакаме да ги имаме сите тие територии блиску до нашето копно, за да се заштитиме, а исто така да спречиме противник да ја искористи како наша стратешка неповолна положба. Од друга страна, постојат меѓународно право и меѓународен поредок и суверенитет, а Гренланд сè уште е дел од Данска – рече Гудман.