ЦИП: Заврши геофизичкото скенирање на предисториски локалитети во Охридско-преспанскиот Регион и во Пелагонија
Заврши геофизичкото скенирање на предисториски локалитети во Охридско-преспанскиот Регион и Пелагонија изведено на неколку неолитски, енеолитски и бронзенодобни тумби и палафити, при што е направен увид во просторното уредување на овие населби, информира Центарот за истражување на предисторијата (ЦИП).
– Резултатите од истражувањата покажаа дека тумбите и наколните населби се еднакво опкружени со ровови и имаат линеарен распоред на градбите. Тоа дополнително ја потврдува комплексната организација на предисториските локалитети и овозможува подобро разбирање на архитектурата, просторното планирање и општествените процеси во различни етапи на овој период – се вели во соопштението од ЦИП.
Во текот на изминатите години, ЦИП има скенирано дваесетина предисториски населби, што овозможува нивна трајна заштита и прецизно планирање на идните истражувања.
– Со помош на примената на геофизичкото скенирање се добиваат егзактни податоци за позицијата на архитектонските обележја присутни на локалитетите. На тој начин, се обезбедуваат информации со што ќе се оневозможи нивно оштетување или, пак, може да се предвиди нивно прецизно истражување во иднина – стои во соопштението.
Геофизичкото скенирање на предисториските локалитети во југозападниот дел на Македонија е поддржано од Министерството за култура и туризам и Фондацијата за проучување и заштита на тумбите. Носител на проектот е Центарот за истражување на предисторијата, а скенирањето е направено во соработка со Заводот и музеј – Охрид, Заводот и музеј – Битола, Заводот и музеј – Прилеп и „Принципат“ од Краков. Н.М.