Состојбите во Украина и на Блискиот Исток, позицијата на Европската унија (ЕУ) во светот, нејзината отпорност и подготвеност и прашањата за миграцијата и за надворешната политика, ќе бидат главни теми на денешната средба во Брисел на шефовите на држави или влади на членките на Унијата.
Во делот од Самитот посветен на состојбата во Украина ќе присуствува и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој ќе информира за најновите случувања на теренот и за неговите ставови за тоа како Европа може најдобро да ја поддржи неговата земја, јави МИА од Брисел.
Според најавата за Самиот, лидерите на ЕУ ќе разговараат и за поддршката на Унијата за Украина.
– До сега, ЕУ и нејзините земји членки обезбедија преку 130 милијарди евра поддршка за Украина. ЕУ е посветена на праведен и траен мир во Украина, заснован на принципите на Повелбата на ОН и меѓународното право, како и на принципот дека не може да се преземе каква било иницијатива во врска со Украина без Украина – се наведува во најавата за Самитот.
Во однос на воената поддршка, лидерите на ЕУ ќе го разгледаат напредокот во испораката на системи за противвоздушна одбрана, муниција и ракети за Украина, како и обезбедувањето на потребната обука и опрема за украинските војници. Тие исто така ќе разговараат за зајакнување на енергетскиот сектор на Украина и на другата цивилна инфраструктура