Само со интегрирање на овој регион во нашето семејство можеме да обезбедиме стабилност и просперитет на нашиот континент, се наведува во писмото испратено од министрите за надворешни работи собрани во групата Пријатели на Западен Балкан
Заедничко писмо на министрите за надворешни работи на Австрија, Хрватска, Чешка, Грција, Италија, Словачка и на Словенија (група Пријатели на Западен Балкан) до еврокомесарките Калас и Кос
Време е за решителен напредок во интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија, се порачува во заедничкото писмо на министрите за надворешни и европски прашања на Австрија, Хрватска, Чешка, Грција, Италија, Словачка и на Словенија, собрани во групата Пријатели на Западен Балкан, испратено до шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, и до комесарката за проширување Марта Кос. Во писмото се претставени и конкретни чекори за поддршка на регионот во евроинтеграциите.
Пријателите на Западен Балкан, во писмото до Калас и Кос, наведуваат дека „со војната во Украина и другите безбедносни предизвици за Стариот Континент, политиката на проширување, една од најефикасните геополитички алатки на ЕУ, добила нов и моќен поттик“. Министрите посочуваат дека Западен Балкан, во тој контекст, ќе биде геостратегиски лакмус-тест за ЕУ.
– Само со интегрирање на овој регион во нашето семејство можеме да обезбедиме стабилност и просперитет на нашиот континент. Ќе продолжиме да поддржуваме уште подинамичен, кредибилен и ефикасен процес на проширување. Дојде време за одлучувачки напредок и ние ќе продолжиме да му помагаме на регионот да ги постигне суштинските чекори на патот кон пристапување во ЕУ – се вели во писмото, во кое се искажува и целосна поддршка на определбата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за унапредување на процесот на проширување.
Министрите повикуваат и на воспоставување јасна агенда и временска рамка за целосна имплементација на Планот за раст и унапредување на постепената интеграција во единствениот пазар, како и во другите политики на ЕУ, кога ќе се исполнат сите потребни услови. Тие сметаат оти тоа треба да обезбеди опиплива перспектива за членство во ЕУ, односно да произведе повидливи резултати за граѓаните на Западен Балкан.
Седумте шефа на дипломатии упатија апел до партнерите од Западен Балкан за забрзување на неопходните реформи, за ангажман за регионална соработка за спроведување заеднички пазар, како и за поттикнување на добрососедските односи. Се предлага и подобро насочување на ИПА-фондовите со цел да се олесни учеството на партнери од регионот во програмите и агенциите на ЕУ.
Во писмото се дава и сугестија партнерите од Западен Балкан да бидат поканети на неформална размена на мислења за време на состаноците на Советот на ЕУ за надворешни работи и неформалните состаноци на шефовите на дипломатиите на ЕУ.
Министрите нагласуваат и дека е неопходен процес на внатрешни реформи во ЕУ, кој треба да напредува паралелно со пристапниот процес, оценувајќи дека Унијата мора да ги подготви граѓаните за идните проширувања.
Писмото е потпишано од министерот за европски и меѓународни прашања на Австрија, Александар Шаленберг, потпретседателот на италијанската влада и министер за надворешни работи и меѓународна соработка, Антонио Тајани, министрите за надворешни и европски работи на Хрватска и на Словачка, Гордан Грлиќ Радман и Јурај Бланар, министрите за надворешни работи на Чешка и на Грција, Јан Липевски и Јоргос Герапетритис, и вицепремиерката на Словенија и министерка за надворешни и европски прашања, Тања Фајон. Р.С.