Самостојна изложба на хрватскиот уметник во НГМ

Во објектот „Мала станица“ при Националната галерија на Македонија, утревечер, во 20 часот ќе се отвори самостојна изложба на ликовниот уметник и професор од Република Хрватска, Данко Фришчиќ. „Сликоиди – металагалактик“ е насловот на изложбата на која Фришчиќ ќе се претстави со четиринаесет слики изработени во техника масло на платно, создадени во 2024 година.
– Хрватскиот уметник и професор Данко Фришчиќ за првпат изложува во Националната галерија на Македонија, што за мене како куратор беше предизвик да ја поставам неговата изложба и да ја оживеам во изложбениот простор. Ги обединува уметничките граници на Хрватска и Македонија, со што се продлабочува веќе воспоставената соработка меѓу двете земји. Искреноста, посветеноста, откритијата во звучните сцени, кои авторот ни ги изразува преку неговите ткаенини, водат кон космичка фантазија и нежна иронија со дополнителен забавен карактер. Изложени се слики од циклусот „SLYX“, со кои тој, преку својот уметнички јазик, нè информира за своите визионерски и колористички претстави во специфичен авангарден експресионистички стил. Во сликите се издвојува експресивна линија, со динамични контрасти и акцент на естетиката на гротеската. Тие се фундаментални карактеристики во сликарството на Фришчиќ. Преплетот на деталите дава аура на тонско богатство, создавајќи нестабилност и хаос и ја доведува темата во надреална композиција. Пред нас имаме мајстор на фантазијата и фигурацијата, кој со својот карактеристичен стил нè води до вистинската реалност, која всушност и пристапува целосно ослободена од контрола или од некоја причина за постоење – вели кустосот на изложбата Маја Крстевска.
Уметничкото дело изразува халуцинаторна визија и впечаток дека влегуваме во играта на асоцијации, а од друга страна нѐ поврзува со нормалната состојба на умот.
– Со своето движење, Фришчиќ ги надминува традиционалните форми, истражувајќи нови начини за изразување на содржината и отелотворувајќи ја неочекуваната средба со различни елементи, кои се негова инспирација за различни асоцијации. Тој е склон кон разнобојни огномети, а неговата шема на визуелно сликарство се постигнува со артикулирање ритам, со одредено емотивно чувство за самосвесно баран ефект – вели Крстевска.
Инаку, Данко Фришчиќ потекнува од истакнато уметничко семејство. Неговиот татко е познатиот уметник Иво Фришчиќ од кого Националната галерија на Македонија има дело во својата богата колекција. Двајцата се двојно поврзани – и преку директна крвна линија и преку уметноста како нивна професија. Како што би рекол Данко во едно интервју, на прашањето за односот со татко му: „Брзината на нашата сличност и во исто време нашата разлика“. Работи како редовен професор на Ликовната академија во Загреб, каде што и дипломирал во 1997 г., а од 2019 г. до 2023 г. бил продекан за настава за меѓународна соработка. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Хрватска и има реализирано над седумдесет самостојни изложби и над двесте групни изложби низ светот и во Република Хрватска. В.Д.