Фото: ЕПА

Пет години откако беше опожарена, катедралата Нотр Дам вечерва повторно ги отвори своите врати.

Во точно 19:10 часот, првпат по пет години, повторно заѕвонеа камбаните на катедралата кои светските лидери и граѓаните собрани на плоштадот ги слушаа.
Службите за итни случаи кои помогнаа да се спаси готското ремек-дело и луѓето вклучени во реставрацијата на објектот добија овации додека парискиот надбискуп Лоран Улрих тропна три пати на вратите на Нотр Дам пред симболично повторно да ја отвори катедралата. Богослужбата траеше два часа.

Во својот кус говор пред присутните, францускиот претседател Емануел Макрон ѝ заблагодари на нацијата и на сите оние кои ја спасија и помогнаа во обновата на катедралата.

-Ѕвоната на Нотр Дам повторно бијат. Овие ѕвона ја одбележаа историјата на Франција. Да живее Нотр Дам, да живее Франција- рече, меѓу другото, Макрон.

Еден од најтрогателните моменти на вечерашната церемонија по повод отворањето на Нотр Дам беше кога пожарникарите, облечени во своите униформи, продефилираа низ катедралата додека зборот „Merci“ (Благодарам) беше осветлен на надворешноста на готската зграда.

Бројни парижани и туристи вечерва сведочеа на повторното отворање на катедралата.

Реконструкцијата чинеше околу 700 милиони евра, финансирани од донации.