Фото: „Нова Македонија“

По две кола, пласман во втората групна фаза обезбедија Норвешка (злато на ЕП 2022 и на ЛОИ 2024, сребро на СП 2023), Франција (злато на СП 2023 и сребро на ЛОИ 2024), Данска (сребро на ЕП 2022 и бронза на СП 2023 и на ЛОИ 2024), како и Унгарија и Холандија

ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО РАКОМЕТ ЗА ЖЕНИ

Репрезентациите на Унгарија (група А), Франција (Ц), Данска (Д), Норвешка (Е) и Холандија (Ф) први обезбедија пласман во следната рунда на Европското првенство (ЕП) за ракометарки, во Унгарија, Швајцарија и во Австрија. На ЕП 2022, Норвешка освои злато, Данска сребро, на Светското првенство лани Франција стана шампион, пред Норвешка и Данска, на Летните олимписки игри (ЛОИ) годинава во Париз репрезентацијата на Норвешка го освои златниот медал, Франција сребрениот, Данска бронзениот…
По два одиграни меча шанси за пласман понатаму немаат Португалија, Словачка и Украина. Македонија вчера беше пред тежок предизвик со домаќинот Унгарија. Од репрезентациите што досега го одбележаа ЕП 2024, Фарските Острови, кој го има најмладиот тим на ЕП 2024, напишаа бајка во Базел. Како машката, така и женската селекција има прво учество на ЕП и го освои својот прв бод, откако ја изненади Хрватска играјќи нерешено 17-17. ЛОИ 2024 одбележаа историска пресвртница за словенечкиот женски ракомет, оти првпат тие играа на ЛОИ, откако ја победија Црна Гора во квалификацискиот меч. Девет ракометарки од таа селекција се помлади од 23 години, а Словенија е една од помладите на ЕП со просечна возраст од 23,7 години и со шанса да оди понатаму. Исланд го оствари својот сон со историска победа. Благодарение на одличното прво полувреме, избраниците на селекторот Арнар Петурсон ја постигнаа првата победа во својот осми меч во трите завршни турнири на ЕП за жени, на дуелот со Украина со 27-24, пишува ЕХФ. По два одиграни меча во сите групи, најефикасна е Шарлот Шолевова од Чешка со 19 гола (65,5 отсто реализација), најдобра голманка е Сабина Новотна од Чешка со 34 одбрани, најмногу асистенции имаат Ела Реистад од Норвешка, Јана Митун од Фарски Острови и Дион Хусер од Холандија, по 14, најсилен шут досега упати Португалката Мариа Уњангуе (109,12 км/ч.)… Г.И.