ПО 18 ГОДИНИ ПЛАНИРАЊЕ И ГРАДЕЊЕ
По речиси две децении планирање и изградба, во неделата на 1 декември во Солун официјално беше отворена првата линија на метрото, кое ќе ја воведе Грција во нова ера на транспортната инфраструктура. Изградбата на солунското метро беше придружена со многубројни предизвици, од откривање вредни археолошки локалитети до финансиски тешкотии, што резултираше со повеќекратно одложување и продолжување на роковите. Но, и покрај пречките, метрото сега е подготвено да им го промени секојдневниот живот на жителите и да го олесни движењето на многубројните туристи што го посетуваат градот.
Солунското метро се рангира меѓу најсовремените метро-системи во Европа, користи најсовремени технологии и е изградено со високи стандарди за квалитет и безбедност. Со должина од 9,6 километри и 13 станици, првата линија на метрото се очекува да превезува околу 254.000 патници дневно. Патувањето низ целата траса ќе трае само 17 минути, додека 18 воза без машиновозачи ќе тргнуваат на секои две и пол минути за време на шпицот на сообраќајот, што значително ќе го намали метежот и ќе овозможи побрз и поефикасен превоз низ градот.
Цената на билетот за метрото во првите шест месеци ќе биде 60 центи, а децата до шест години ќе се возат бесплатно. Билетот важи седумдесет (70) минути од моментот на валидација при првото качување и има можност за неограничено користење во метрото во тој временски период. Планирано е метрото да биде достапно за граѓаните од 5.30 до 12.30 часот, со можност за подоцнежни поаѓања во петок и сабота.
Изградбата на солунското метро првично започна во 1986 година, кога беа направени првите планови за овој проект. Сепак, конкретните работи започнаа дури во 2006 година, а првично беше планирано завршување за 2012 година. Работите, сепак, се соочија со низа предизвици. Една од причините беше што Солун е богат со историски слоеви, па така, при ископувањата за метрото беа откриени повеќе од 300.000 артефакти од античкиот, средновековниот и отоманскиот период. Особено важни откритија беа пронајдени на станиците Венизелу и Аја Софија, каде што беа пронајдени антички улици, плоштади и други остатоци од градскиот живот. Секое ново археолошко откритие бараше приспособување на градежните планови за да се обезбеди заштита на историските локалитети.
Во првата фаза, системот на метрото ќе има 18 воза, со планови за постепено воведување на уште 15, со што капацитетот ќе доведе до можност за превоз до 350.000 патници дневно. Солунското метро има пруга долга 9,6 километри, со два независни тунела со една колосек. Секоја станица на солунскиот метро-систем е опремена со потребната инфраструктура, вклучувајќи гаражи, различни услужни објекти, дигитални системи за издавање билети и полесен пристап за лицата со посебни потреби. Во наредните години е планирана натамошна изградба на нови станици, кои кога ќе бидат завршени би можеле да го намалат бројот на автомобили во сообраќајот за околу 57.000, што дополнително би ги растоварило улиците на градот. Во првата фаза, метрото ќе опфати една главна линија и една што ќе биде одвоена од неа, а предвидени се дополнителни доградби во согласност со потребите на населението.