Фото: Маја Јаневска-Илиева

За земја што не излегува на море, но е релативно блиску до три мориња, модерното инфраструктурно поврзување по должината на коридорот 10 ќе значи вистинска ренесанса и затоа е клучно активностите да се насочат уште сега, за да не се губи ниту ден повеќе за реализација на ваквата идеја. И експертите инсистираат на ставот дека коридорот 10 е главната артерија што ќе ги заживее македонската економија и воопшто државата

Македонските национални и државни интереси се идентификуваат и преку линиската инфраструктура

Изградбата на современа инфраструктура по должината на коридорот 10 е клучна за Македонија доколку сака да обезбеди заживување на сопствената економија, но истовремено и да обезбеди побрз и поевтин транспорт на луѓе и стока во регионот, како и пошироко во Европа.
Она што е повеќе од јасно тоа е дека коридорот 10 отсекогаш го следел природниот географски тек по должината на долината на реката Вардар, како најкраток и најлесен пат за поврзување на Централна Европа со југот на Стариот Континент.
Колку и да се тера политика околу приоритетите на проектите, сепак Македонија мора да се води од сопствените интереси и да инвестира во она што нејзе и на нејзините граѓани ќе им донесе најголема бенефиција во краток рок, истовремено не занемарувајќи ги и преостанатите инфраструктурни поврзувања преку другите коридори.

Државните интереси се поважни од туѓите проекции

Потврда дека секоја земја се води од сопствените интереси е и активноста на Бугарија, која ги минимизира напорите за железничко поврзување со земјава по должината на коридорот 8, за сметка на градење делница со која коридорот 10 би ја заобиколил Македонија и би се движел од јужна Србија, преку Бугарија, кон пристаништата во Грција.
Како и да е, тоа е одлука на бугарските власти и затоа Македонија треба да се води исклучиво од сопствените интереси, а во таа насока се и најавите на министерот за транспорт Александар Николовски земјава да ги забрза активностите за изградба на брза пруга по должината на коридорот 10 за да не остане слепо црево на Балканот.
– Бугарија работи на алтернативна пруга на коридорот 10, со што би се заобиколила Македонија – тврди Николоски, притоа додавајќи дека затоа е многу важно ние како држава што поскоро да изградиме брза пруга.
Според него, наместо по природниот тек на Балканот што се простира по должината на реката Вардар, се развива алтернатива што има два правца. Едниот е на линијата Виена-Будимпешта-Белград-Ниш-Босилеград, потоа оди под Софија, по реката Струма, до Солун. И втората варијанта е од Романија преку Бугарија источно кон Истанбул.
– И сега ако сме ние наивни и ако се водиме од приказни што некој ни ги подметнува, а не од нашиот интерес, нема да го развиваме она што е природен тек, а природен тек на Балканот е Вардарската Долина и затоа треба да сме свесни дека инвестирањето во овој проект е приоритет. Јас интензивно работам на оваа работа – истакна Николоски.
И бизнис-заедницата го дели неговото мислење, дека модерната инфраструктура по должината на коридорот 10 е од круцијална важност за македонската економија.
Првиот човек на Сојузот на стопански комори, Трајан Ангелоски, вели дека приоритет за бизнис-секторот е поврзување со пристаништето во Солун, второ алтернативно пристаниште е Драч, а дури трета варијанта претставуваат Бургас и црноморските пристаништа, кои се многу подалеку.
– Ние апелираме што побрзо да се реализираат проектите за изградба на брзи пруги. Вие денес во Македонија не можете да купите железничка карта да патувате со воз некаде во странство, можете да купите карта некаде до Велес, евентуално до Битола и, ако сте среќни, можеби до Кочани… Дефинитивно и со автопатските решенија мора да се интензивира целата таа работа. Затоа што ограничување на брзината на пат на 50-60 километри во 21 век е навистина неподносливо за бизнис-секторот – истакна Ангелоски.

Трасите ја следат логиката на географијата

Географијата отсекогаш играла клучна улога при проектирањето на коридорите, па, така, долината на реката Вардар била одбрана како идеална врска за поврзување на Југот со Централна и Северна Европа.
Во таа насока, по должината овој коридор веќе постои железничко и автопатско поврзување, но е потребно нивно модернизирање во согласност со потребите на економиите на 21 век.
Што значи тоа во практика? Тоа значи дека автопатот од граничниот премин Табановце до Богородица секогаш мора да биде во одлична кондиција за да се гарантира брз и непречен проток на луѓе и стоки. Тоа се однесува и на поедноставувањето на процедурите за премин на границите и на север и на југ, да не се случуваат непотребни застои и задржувања со часови.
Понатаму, исклучително е важно Македонија во овој момент да почне со реализација на проектот за брза пруга по должината на коридорот 10. Актуелната траса што е буквално покрај реката Вардар не овозможува брзо движење на возовите, па, така, треба да се подготви проект што ќе значи качување на трасата повисоко, паралелно со автопатот, за да се избегнат многуте свиоци и да можат возовите да се движат со брзини до 200 километри на час.
– Имаме три варијанти за брзата пруга. Во наредниот месец треба да пресечеме која варијанта ќе ја избереме. Едната е по Вардарската Долина, по постојната пруга, втората е малку источно од Вардарската Долина, над постојниот автопат, значи се качува над Вардар, и третата варијанта е таа од 1978 година, проект од времето на претходната држава, со проектирана брзина од 250 км на час, која оди Табановце, Куманово, со триаголник до аеродром и Скопје, потоа до Штип, Струмица, Гевгелија и Солун. Цената за изградба е индикативна, бидејќи кога ќе имаме проект ќе имаме и цена, односно за брза пруга со две линии е некаде околу 10 милиони евра по километар, што значи ако Македонија треба да изгради меѓу 210 и 225 километри брза пруга, тоа би било некаде околу 2 милијарди евра инвестиција – објасни министерот Николоски.
Соседна Србија веќе изгради дел од оваа брза пруга, со која се поврза со Унгарија, а сега изградбата се движи и кон границата со Македонија, со намера таа да стигне до Скопје. Токму делницата од Скопје до Гевгелија е таа што треба да биде приоритет во следните пет-шест години, за веќе од 2030 година Македонија да има најсовремена железница и автопатско поврзување по должината на коридорот 10.
Географската погодност на долината на Вардар овозможува во некое скорешно време и реализација на пионерскиот проект Вардарска Долина, стар 93 години, но кој со развојот на новите технологии во градежништвото станува реалност. Имено, ако се дислоцира постојната железничка линија и се замени со брза пруга, тогаш се отвора простор во иднина со помош на меѓународната заедница да се финансира проектот за изградба на каналот Морава-Вардар-Егејско Море. Со овој проект се предвидува создавање нов пловен пат, кој би бил долг 700 километри и, преку Дунав, на север би бил поврзан со Рајна и со Северно Море, потоа со подунавските земји и Црно Море, како и со сите држави што излегуваат на Средоземјето, вклучувајќи го тука и Суецкиот Канал, преку кој би се сообраќало практично со целиот Исток.
Друмски, железнички и воден пат би било финалето на коридорот 10, со што Македонија дефинитивно ќе стане централен транспортен јазол на Балканот, со што државата ќе добие на важност на меѓународен план, но истовремено македонската економија ќе има огромен импакт, што ќе ја вброи во редот на повисоко рангираните европски економии, а тоа несомнено ќе се одрази и врз стандардот на македонските граѓани.

Инстантен почеток за реализација – во полн капацитет, за да не нѐ претекнат другите

За земја што не излегува на море, но е релативно блиску до три мориња, модерното инфраструктурно поврзување по должината на коридорот 10 ќе значи вистинска ренесанса и затоа е клучно активностите да се насочат уште сега, за да не се губи ниту ден повеќе за реализација на ваквата идеја.
И експертите значајно инсистираат на ставот дека коридорот 10 е главната артерија што ќе ги заживее македонската економија и воопшто државата.
– Имаме сега добар автопат од север кон југ, така што клучно е да се изгради брза железница по должината на коридорот 10, и тоа на нова траса, која ќе гарантира брзина на возовите. Штом ќе се тргне пругата од долината на Вардар, треба да се најдат меѓународни партнери со кои би се реализирала идејата за Вардарска Долина, односно и бродско поврзување на Солун со Дунав. Тоа можеби навидум изгледа футуристички, но добро е да се остави чист простор покрај Вардар и да се тргне железницата со време, бидејќи сведоци сме дека за градежништвото повеќе нема бариери. Се прават нови стратегиски ремапирања на патиштата, се бараат алтернативни коридори, така што не треба да се отфрла ниту оваа опција. Впрочем, коридорот 10 ќе биде комплетен кога ќе се заокружат сите овие проекти, за патен, железнички и бродски сообраќај – констатираат експертите.