Кога ќе имаш деца? Дали бебето е веќе на пат? Ова се обично добронамерни и често непромислени прашања. Но, за многу парови, овие прашања предизвикуваат сложени и непријатни чувства. Многу парови се борат со неплодност и нивното патување до бременост е напорно и тешко, и психички и физички. Добрите намери понекогаш не се доволно добри. „Во моментов само уживаме како младенци… Прво мораме да патуваме… Во моментов се фокусирам само на кариерата…“, ова се само некои од одговорите на паровите зад кои се маскира (со присилна насмевка) она што навистина се случува.
– Кога имате тешкотии да забремените, се чини дека сите околу вас лесно забременуваат. Лесно е да се биде среќен за нив на почетокот, но тоа станува обесхрабрувачко по некое време. Дури почнав да одбивам да одам на одредени собири, а одењето на детски родендени беше едноставно болно. Станав доста огорчена, очајна и депресивна – вели една мајка, која по неколку години обиди конечно успеала да забремени.
Таа е исклучително благодарна, но и сака другите што се борат со неплодност да ги спаси барем од дел од болката што ја преживеала. Затоа, кога помислувате да прашате за нечии планови за децата, размислете двапати!
Многу парови се обидуваат со години. Некои можеби никогаш нема да успеат. А што е со паровите што не сакаат деца? Или парови што имаат дете, но не можат да си дозволат второ? Или оние што ги загубиле своите деца? Следниот пат кога ќе сакате да го дадете тој коментар, бидете чувствителни и внимателни, не сите прашања треба да бидат гласно поставени.