Во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје свечено беше одбележан јубилејот – 80 години од именувањето на првиот директор и започнувањето со работа на библиотеката во слободна Македонија, со заповед на Поверенството за народна просвета на Президиумот на АСНОМ, на 23 ноември 1944 година. Свеченоста започна со изведба на македонската химна, а свои обраќања по повод јубилејот на оваа врвна институција од областа на библиотекарството имаа в.д. директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“, Јовица Никчевски, државната секретарка во Министерството за култура и туризам, Марија Ѓоргова, и претседателката Гордана Силјановска-Давкова.
Прославата беше збогатена со настап на националниот ансамбл „Танец“, со изведба на неколку музичко-фолклорни композиции од машка и од женска пејачка група, со придружба на дел од оркестарот на традиционални инструменти.
НУБ „Св. Климент Охридски“ им додели благодарници на Министерството за култура и туризам, на националниот фолклорен ансамбл „Танец“ и на соработници на библиотеката, а постхумно ќе биде доделена благодарница за првиот директор Георги Шоптрајанов, која ќе ја прими претставник од семејството. На одбележувањето премиерно беше прикажана видеопрезентација на која се претставени историјатот и развојниот пат на библиотеката, а исто така ќе биде отворена и изложба на оригинални документи, копии верни на оригиналите и други материјали поврзани со историјатот на НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје.