Германскиот канцелар Олаф Шолц во понеделник официјално ќе биде номиниран за втор мандат на средбата на ракодводството на неговата Социјалдемократска партија (СПД), и покрај противењето и повиците во партијата тој да се повлече.
-Во следната изборна кампања сакаме да влеземе со Олаф Шолц – изјави вчера Ларс Клингбејл.
Одлуката дојде по неколкунеделни шпекулации за тоа дали СПД ќе го принуди Шолц да се повлече за да може некој друг да ги подобри изгледите на партијата на предвремените избори на 23 февруари.
Но, патот на Шолц беше расчистен кога неговиот потенцијален ривал, министерот за одбрана Борис Писториус, цврсто изјави дека не сака да биде главен партиски кандидат и му даде поддршка на Шолц.
„Ова е моја суверена одлука, рече Писториус, додавајќи дека Шолц е „вистинскиот кандидат за канцелар“.
– Шолц се залага за разум и претпазливост. А тоа е особено важно во време на глобални пресврти и опасни популистички напади врз демократијата низ светот – додаде тој.
Шолц ќе биде номиниран во понеделник на редовниот состанок на извршниот комитет на партијата, рече Клингбејл.
Писториус, долго време најпопуларниот министер во владата, стана фокусна точка на тензичните партиски дебати за тоа кој треба да биде кандидат на СПД на изборите.
Шолц е на таа позиција од 2021 година. Сепак, тој и СПД страдаат од слаб рејтинг во анкетите, што доведе до шпекулации дека партијата може да се одлучи за друг кандидат.
Бројни политичари на СПД на локално и национално ниво во последните денови отворено ја поддржаа кандидатурата на Писториус.
Предвремените избори беа активирани откако трипартиската владејачка коалиција на Шолц се распадна претходно овој месец, откако канцеларот одлучи да го разреши поранешниот министер за финансии Кристијан Линднер.
Според неодамнешната анкета на весникот Билд, Шолц има поддршка од 31,4 отсто. Писториус е најпопуларен политичар во земјата со 52,8 отсто.