Фото: Приватна архива

Тања Тас неодамна ја сними песната „Лакмус“, чиј автор е Игор Атанасоски – Харе, кој ги напиша музиката и текстот, аражманот е на Дамир Имери, а музички продуцент е Мите Димовски.

Песната, како што вели Харе е малку поразлична од она што тој го создава во последниот период.

– „Лакмус“ ја создадов пред десет години и ете го чекаше трпеливо своето време, да се најде во рацете на вистинскито пејач, а во случајот тоа е Тања Тас. Таа е плод на мојата желба постојано да истражувам, барајќи нови музички хоризонти. А нејзиниот специфичен звук и текст се должат на тоа што јас не калкулирам, едноставно го вадам тоа што го чувствувам во себе – вели авторот Игор Атанасоски – Харе.

Успешната соработка меѓу Тања и Харе трае долго.

– Одамна соработуваме со Тања и заедно бевме дел од многу проекти, меѓу кои се „Autmind“ и албумот што го снимивме со Игор Џамбазов „Првите 30“, каде таа ги пее придружните вокали – додава Игор.

На снимањето на песната учествуваа и Дамир Имери, на клавијатури, на кларинет свиреше Благојче Трајковски, Мите Димовски свиреше бас и беше задолжен за дизјанот на звукот, а се разбира гитарите ги отсвире Харе.

За песната е снимен и интересен видео запис, во режија на Александар Ристовски.

М.Т.