Македонската репрезентација израмни бодовен рекорд на Лигата на нациите, таа е најубедлив победник на некоја од 14-те групи (ист резултат можеше да има само уште Португалија), првпат во својата фудбалска историја забележа пет победи во низа, згора на тоа сите без примен гол (мрежата на голманот Димитриевски не е затресена рекордни 531 минута, а од игра 641 минута), успешниот настап донесе потенцијално учество во баражот за пласман на СП 2026…
ФУДБАЛ – ЛИГА НА НАЦИИ
Репрезентацијата на Македонија првпат во својата фудбалска историја забележа пет победи во низа со триумфот во неделата на дуелот со Фарски Острови со 1-0, во Скопје, во шестото коло на Лигата на нациите (ЛН), во лигата Ц. Со тоа македонската селекција на убедлив начин го заокружи настапот во лигата Ц, пласирајќи се во лигата Б, со освоеното прво место во групата 4 со израмнет рекорд на Лигата на нациите со 16 бода, девет повеќе од второпласираната Ерменија (еден помалку од рекордната разлика од победник на група до второпласиран). Македонија е најубедлив победник на некоја од 14-те групи во лигите А, Б, Ц и Д (девет бода разлика пред второпласираниот можеше да достигне само Португалија, ако синоќа ја победила Хрватска).
Успешниот настап сезонава на репрезентацијата на Македонија ѝ донесе и потенцијално учество во баражот за пласман на Светското првенство (СП) во 2026 година, во кој ќе настапат 12-те селекции на второто место во квалификациите в година, како и четири од 14-те победници на групите во секоја од четирите лиги А, Б, Ц и Д од Лигата на нациите. По натпреварите во шестото коло, одиграни во неделата, првите места досега ги обезбедија Португалија, Франција, Германија и Шпанија од лигата А, потоа Англија и Норвешка од лигата Б, Македонија и Шведска од лигата Ц, како и Молдавија од лигата Д.
Победниците на групите во лигата А веќе се сигурни во настап во плејофот за СП 2026. Но ако некој од нив се пласира директно на СП 2026, како победник на квалификациската група, или обезбеди место во плејофот, како второпласиран во квалификациите, тогаш таа селекција ќе ѝ го отстапи своето место во плејофот за селекции од Лигата на нациите на следната репрезентација според вкупниот ефект на првопласираните, но на селекција што нема да ги освои првите две места во својата квалификациска група. Така, според најавите, ако Македонија биде најуспешна победничка на група во лигата Ц, за да влезе во плејофот ќе треба пет селекции од лигите А и Б да се пласираат директно на СП или да влезат во баражот низ квалификациите, ако биде втора, тогаш шест итн.
Црвено-жолтите сезонава во Лигата на нациите остварија серија од пет натпревари без примен гол, а мрежата на голманот Столе Димитриевски не е затресена веќе 531 минута. Во оваа серија на победи Македонија во септември ја победи Ерменија дома со 2-0, потоа во октомври на гости Летонија со 3-0 и Ерменија со 2-0 и месецов дома Летонија и Фарски Острови со по 1-0. Димитриевски единствениот гол сезонава во Лигата на нациите го прими во ремито со Фарски Острови, 1-1, на гости, во првото коло, од пенал. Последните три гола во дресот на репрезентацијата Димитриевски ги прими со удар од белата точка (уште два на пријателската средба со Чешка, на гости во јуни годинава), па македонскиот репрезентативец сега нема примен гол од игра на седум меча по ред, а вкупно 641 минута. Н.М.
ЛИГА Ц, ГРУПА 4
Македонија – Ф. Острови 1-0
Летонија – Ерменија 1-2
ТАБЕЛА
Македонија 6 5 1 0 10-1 16
Ерменија 6 2 1 3 8-9 7
Ф. Острови 6 1 3 2 5-6 6
Летонија 6 1 1 4 4-11 4
Македонија се пласира во лигата Б, Ерменија ќе игра во плејофот за пласман во лигата Б, Фарски Острови обезбедија опстанок во лигата Ц, Летонија или ќе испадне во лигата Д или ќе игра во баражот за опстанок
ПОТЕНЦИЈАЛНИ УЧЕСНИЦИ ВО ПЛЕЈОФОТ ЗА СП 2026
Победници на групи
Лига А: Португалија, Франција, Германија и Шпанија
Лига Б: Англија и Норвешка
Лига Ц: Македонија и Шведска
Лига Д: Молдавија по мечевите во неделата во шестото коло на Лигата на нациите