Фото: Маја Јаневска-Илиева

Пред да се преземат низа мерки што дефинитивно ќе значат и намалување или запирање на процесот на загадувањето на воздухот, добро упатените соговорници одговорно тврдат дека надлежните мора да обезбедат опиплива алтернатива на загревањето на домовите во урбаните средини. Токму таа замена, како што тврдат соговорниците, според резултатите на анкетите со граѓаните во урбаните средини во повеќе градови низ Македонија, „треба да биде поевтина варијанта од сегашното загревање со дрва (или јаглен) и на тој начин повеќе нема никој да има изговор дека некој се грее на нееколошки горива од социјални причини“. Имено, цената на горивата за затоплување зазема извонредно голем дел, дури и пресуден дел во одлуката на граѓаните за тоа кој извор на затоплување ќе го користат во есенскиот и зимскиот период…

Причините за хроничниот проблем со загадениот воздух во градовите се целосно идентификувани, на ред се конкретните мерки

Проблемот со енормно загадениот воздух речиси во сите поголеми македонски градови одново ја исфрли на површина постојаната дилема дали државата прави доволно да ги заштити граѓаните од загаден воздух.
Официјалните податоци покажуваат дека во Македонија годишно од загаден воздух умираат околу 3.400 луѓе, што претставува 17-19 отсто од вкупната смртност. Повеќето истражувања покажаа дека главни извори на загадување се загревањето на домаќинствата и на јавните објекти, сообраќајот и ресуспендираните честички.
Стручните лица во областа на здравството посочуваат дека загадениот воздух има сериозен ефект врз здравјето, предизвикувајќи респираторни и кардиоваскуларни заболувања, а со тоа и зголемена смртност.
Она што е особено загрижувачки е тоа што од загадениот воздух се погодени децата, што директно влијае и врз намалувањето на коефициентот на интелигенција, а резултира и со други долгорочни здравствени проблеми. СЗО предупредува дека голем број луѓе на Балканот и Источна Европа дишат воздух што значително го надминува нивото на загадување.

На граѓаните им е потребно да им се даде добра (поевтина) алтернатива за дрвата

Несомнено со доаѓањето на есента повторно се отвора дебата за загадувањето и како најефикасно да се намали тоа, додека политичките партии, во зависност од тоа дали се на власт или во опозиција, го користат загадувањето да се обвинуваат едни со други за ваквите состојби.
Под силниот притисок од јавноста и со можноста и граѓаните да дојдат до поевтини технолошки уреди со кои индивидуално можат да го мерат нивото на штетни честички во воздухот и врз основа на тие податоци да алармираат, државата почна да презема некакви козметички чекори за надминување на ваквите состојби.
Она што го потврдија сите истражувања е дека високата концентрација на штетни честички во воздухот во градовите без исклучок е предизвикана од загревањето на домовите со дрва и пелети. Кога на тоа ќе се додадат стариот возен парк и неефикасниот јавен транспорт, тогаш виновникот за загадениот воздух добива име и презиме.
Како одговор на притисокот на јавноста, она што го направи државата досега е тоа што почна кампања за замена на печките и котлите на дрва со субвенционирање на набавка на инвертор-клими. Но резултатите од оваа мерка се незначителни и состојбата со загадениот воздух во Скопје, Тетово, Гостивар, Битола и другите градови одново се повторува, иако календарски зимата сѐ уште не е пристигната.
Годинашната катастрофа што ја погоди земјава со пожарите покажа дека шумската мафија и натаму работи со полна пареа и ќе продолжи и натаму да работи ако државата не се реши на радикална мерка, да го забрани греењето на дрва во градските средини. Но пред да ја преземат таа мерка, која дефинитивно ќе значи намалување на загадувањето, надлежните мора да обезбедат замена на загревањето на домовите, која ќе биде поевтина варијанта од сегашното загревање со дрва и на тој начин повеќе нема никој да има изговор дека некој се грее на нееколошки горива од социјални причини.
За да се случи тоа, потребно е да се изградат мини-топлани на гас на повеќе локации, кои ќе дистрибуираат топловодно греење до сите домови по пониска цена од онаа што би ја платиле за купување дрва. Истовремено, државата тогаш има право во име на заштита на здравјето на граѓаните да побара од секој што живее во град да се однесува одговорно и загревањето на домот да го приспособи во согласност со урбаното живеење, а греењето на дрва да остане во руралните средини.
– Три години работам во Германија и од искуството што го стекнав таму можам слободно да кажам дека централните системи за загревање на домовите и за топла вода се најдобро решение. Не дека и таму градовите не се загадени, но во никој случај не е како во Скопје. Еве, една недела сум тука на одмор и буквално во утринските и вечерните часови не се дише. Секоја вечер се чувствува непријатен мирис на чад, човек буквално ниту може да излезе оддома, а уште помалку да ги проветри просториите. Во Германија греењето на дрва е можно во рурални подрачја, но и таму ретко се користи бидејќи таквиот тип на загревање се смета за луксуз, дрвата се енормно скапи, а се плаќа и дополнителна еколошка такса, што ваквиот начин на загревање го прави целосно неисплатлив – вели Александар Костовски, нашинец што веќе пет години е на привремена работа во Германија.

Когенеративните централи може да дадат резултати за почист воздух во релативно краток рок

Единствен начин Македонија да ги примени германските, па и повеќето европски искуства околу загревањето на домовите во урбаните средини, тоа е да се примени централизиран систем со топловодно греење, а онаму каде што тоа е тешко изводливо, загревањето да се прави со топлински пумпи и инвертори.
Клучно за да се изградат такви топлани е што поскоро да се донесе гасот барем до тие централи, кои истовремено би произведувале електрична енергија, а нуспродуктот би бил ослободена топлина, која потоа би се дистрибуирала до домовите. Стручната фела ваквите постројки ги именува како когенеративни централи.
Професорот Константин Димитров во повеќе наврати за „Нова Македонија“ ја истакна изградбата на когенеративните централи како исклучително важен чекор со кој компаниите ќе добијат поевтина домашна електрична енергија, а граѓаните топлина.
Според него, Македонија има капацитет да изгради три или повеќе когенеративни централи, со кои граѓаните ќе добијат за 35 отсто поевтина струја и за околу 40 отсто поевтино парно греење, со што ќе се намали употребата на дрва за греење на домаќинствата, а со тоа и загадувањето на воздухот во Скопје и во другите градови. Тој уште предлага, покрај Скопје, когенеративни централи да се градат и во Тетово и Гостивар бидејќи состојбата со загадувањето на воздухот и во Полог е повеќе од загрижувачка.
Очигледно и Владата како единствена можност за решавање на проблемот со загадениот воздух во релативно краток период од неколку години наоѓа во изградбата на когенеративни централи.
– Ако сакате да го „нападнете“ загадувањето и да имате стратегија како да го надминете тоа, мора да имате конкретен план, па ние се одлучивме да го направиме тоа преку инсталација на когенеративни централи. Тие се оние централи што произведуваат енергија на гас. Во Скопје има една таква, тоа е когенеративната централа ТЕ-ТО, која произведува електрична енергија, но и топлинска енергија и на тој начин да можеме да го завршиме процесот на гасификација и на топлификација на градот и да може таа алтернатива да стигне до што е можно поголем број домаќинства за да може да се замени огревот на дрва и на други материјали со овој начин на огрев и на тој начин за 60 отсто да го намалиме загадувањето – вели Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ во гостувањето на емисијата „За или против“.
Според него, со оглед на тоа што во изминатите години не е правено ништо по ова прашање, потребно е време, како и партнери, преку чие влегување на пазарот ќе може да се направат овие когенеративни централи, со чија помош ќе се намалува загадувањето не само во Скопје туку и во другите градови од земјава.


Громогласна тревога: Загадениот воздух причина и за предвремени породувања

Минатата година во Македонија имало вкупно 604 предвремено родени бебиња, а годинава досега бројот e 681, соопшти заменик-министерот за здравство Јовица Андовски.
Еден од ризик-факторите за предвремено породување е загадениот воздух, истакна директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК), д-р Ирена Алексиоска Папестиев, на прес-конференција по повод Светскиот ден на предвремено родените бебиња – 17 ноември.
– Сѐ повеќе податоци од литературата говорат дека загадениот воздух дефинитивно има влијание за да дојде до предвремени породувања, при што потоа овие пациентки ќе станат дел од интензивната нега – истакна Алексиоска Папестиев. С.Т.