ШАХ
Македонскиот велемајстор (ВМ) Евгени Романов ги забележа четвртото реми и првиот пораз на 24. поединечно Европско првенство (ЕП) во шах во Петровац (Црна Гора). Во седмото коло, Романов (2.584 рејтинг-поени, рангиран 54. пред почетокот на ЕП) го подели поенот со бели фигури со ВМ од Шпанија, Лантаса Сантос (2.630, рангиран 29), а во осмото коло го претрпе првиот пораз како „црн“ од ВМ од Холандија, Жорден Ван Форест (2.687, рангиран, трети), по 56 потези. Во сицилијанска одбрана (варијанта Андерсен), Романов имаше реми-позиција до 46-от потег. На три кола пред крајот на ЕП 2024 е на 52-то место со пет поени (рејтинг-перформанс од 2.661 поен и освоени нови 8,7 рејтинг-поени). Во вчерашното деветто коло, Романов со бели фигури играше со 18-годишниот ФИДЕ-мајстор (ФМ) од Азербејџан, Широглан Талибов (2.415, рангиран 167.). По осум кола во водство со седум поени и понатаму е 29-годишниот ВМ од Србија, Александар Инџиќ (2.624, рангиран 33-ти), а го следат Шпанецот Максим Чигаев (2.605, рангиран 43-ти) и Бугаринот Иван Чепаринов (2.632, рангиран 26-ти), и двајцата со по 6,5 поени. Шахистите на ова ЕП играат за титулата европски првак во класичен шах, но и за 20 квалификациски места за настап на Светскиот куп на Светската шаховска федерација за 2025 година. Г.И.