Во конкуренција на четири екипи, за најдобар играч беше прогласен Роберт Брдар од Нуде, кој беше и најефикасен со седум гола, а најдобар голман е Стефан Фарталовски од екипата на Мастерс МКД

ВАТЕРПОЛО – МАСТЕРС-ТУРНИР ЗА ВЕТЕРАНИ ВО КУМАНОВО

Хрватската екипа Нуде од Загреб триумфира на меѓународниот мастерс-турнир во ватерполо за ветерани (над 30 години), кој во организација на клубот Мастерс МКД од Скопје, а по повод ослободувањето на Куманово, се одржа во два дена на градскиот базен во овој град. На турнирот учествуваа и екипите на Ѓаково (Хрватска), Аква спорт од Скопје и Мастерс МКД од Скопје.
Победникот го освои првото место со максимални три победи, на мечевите со Мастерс МКД со 5-4, Ѓаково со 10-3 и со Аква спорт со 11-4. Ѓаково со четири бода е втор, а победи во дуелите со Мастерс МКД со 6-5 и Аква спорт со 7-5. Трет со два бода е Мастер МКД, кој славеше на мечот со Аква спорт со 7-3, а Аква спорт е на четвртото место. За најдобар играч на турнирот беше прогласен Роберт Брдар, кој наедно беше и најефикасен со седум гола од екипата на Нуде, а најдобар голман е Стефан Фарталовски од Мастерс МКД.

– Турнирот и неговата организација поминаа одлично. Доделувањето на пехарите беше веднаш по завршувањето на последниот натпревар. А ако тој натпревар Мастерс МКД го добиеше против Нуде, тогаш ќе имаше три екипи со по еднаков број бодови, при што ќе одлучуваше гол-разликата. Гостите од Хрватска беа презадоволни, а имаа можност да ги пробаат и македонските готвачки специјалитети на заедничка вечера. Презадоволни сме и од играта што ние ја прикажавме, како и од играта на преостанатите екипи – вели Андреј Ѓорѓиевски, претседател на клубот организатор на турнирот Мастерс МКД и ватерполо-судија на овој турнир.
Ветераните на Мастерс МКД имаат во план настап и на други турнири во периодот што следува.

– Требаше да играме на турнир во Софија, Бугарија, но има проблем со тамошниот базен, па е неизвесно дали ќе го решат тој проблем до почетокот на декември. Во план е да одиме во Хелсинки, Финска, во јануари идната година. Станува збор за голем турнир за ветерани со учество на екипи од повеќе континенти. Се игра на отворен базен, на минус 20 степени Целзиусови, но со топли термални води, а јас таму ќе бидам судија – вели Ѓорѓиевски.
Натпреварите на турнирот во Куманово се играа во две полувремиња од по 10 минути, во 25-метарски базен. На турнирот, покрај Ѓорѓиевски, судеа уште Небојша Стајковиќ и двајца германски интернационалци. Г.И.