Фото: ЕПА

Фудбалскиот магионичар од Фуентеалбила се пензионира на 40 години по славната играчка кариера. Неговото патување го однесе северно од Албасете до Барселона, како срамежлив и носталгичен за дома 12-годишник, за да стане најтрофејниот шпански фудбалер со 35 пехари. Успехот за скромниот маестро беше само прашање на време

ФУДБАЛ

Мал број фудбалери го постигнаа трофејниот хет-трик, со титули во Лигата на шампионите (ЛШ), на европско и на светско првенство, но Андрес Иниеста се издвојува како единствениот фудбалер што ги освоил и наградите за играч на мечот во финалињата на сите три натпреварувања, пишува „Би-би-си“ за шпанскиот фудбалер, кој неодамна ја заврши кариерата. Фудбалскиот магионичар од Фуентеалбила, мало село во провинцијата Албасете на истокот на Шпанија, се пензионира на 40 години во октомври годинава по славната играчка кариера. Неговото патување го однесе северно од Албасете до Барселона, на пет и пол часа оддалеченост, како срамежлив и носталгичен за дома 12-годишник, за да стане најтрофејниот шпански фудбалер со 35 пехари, вклучувајќи и две сезони со по три титули со Барселона, девет трофеи во Ла лига, четири во ЛШ, едно светско првенство и два европски шампионати.
Успехот за скромниот маестро беше само прашање на време. Во 1999 година, откако капитенот на Барселона на тимот до 15 години, Иниеста, го постигна победничкиот гол во Премиер-купот, фудбалерот на првиот тим, Пеп Гвардиола, му рече на својот колега од средниот ред Чави: „Ќе ме пензионираш“, но тој потоа покажа кон младиот Иниеста, додавајќи: „Но тој, тој ќе нѐ пензионира сите“, пишува „Би-би-си“.
Една четвртина век подоцна и опуштениот шармантен Иниеста размислува за својата ѕвездена кариера, плановите по пензионирањето и намерите за иднината.
– Нормално имам сѐ под контрола. Сега сум во друга фаза. Но еднакво уште ги имам рутините, без разлика дали тоа е да ги носам децата на училиште или да правам други работи каде што треба да се придржувам до одредени временски рамки. Многу сум смирен со следниот чекор по играњето. Многупати, иако знаев за квалитетот и талентот на тие играчи, Меси, Бускетс, Чави, Тиери Анри и многу други покрај мене, бев одушевен во моментите на техничките работи. Прекрасно е да се биде во можност да се има работа каде што навистина можете да уживате во такви моменти – вели Иниеста кога зборува за пензионирањето.

Влијанија

Многу големи тренери помогнаа да се подобри Иниеста како играч, многу често на различни начини. Гвардиола со својата визија, тренери како Луис Енрике и Луис Арагонес со нивното убедување, план за игра и справување со играчите или Луис ван Гал, кој му го даде дебито, поради неговата јасност и директен став. Висенте дел Боске има посебно место во неговото срце за смирениот начин на кој управуваше со групата и како ги преведе своите планови и идеи на играчите. Но Иниеста заклучува дека едно нешто што им било заедничко е нивниот „спектакуларен фудбалски мозок, бидејќи тие се најдобри“.

Што понатаму за Иниеста?

Пензионирањето сега може да му овозможи да поминува повеќе време со трите ќерки и двата сина и со сопругата Ана, со која почна да се забавува во 2008 година пред да се ожени во 2012 година. Можеби ќе му овозможи и повеќе време со неговиот сакан прв фудбалски клуб Албасете Баломпи, кого финансиски го поддржа во повеќе од една пригода.
– Нашиот план беше да престанам да играм тука, во ОАЕ и да можам да останам тука. Овде почнав курс за да станам тренер. Цел живот размислувам како играч, но сега морам да размислувам на друг начин. Тоа е нов свет. Не е сосема нов, но има многу нови работи што треба да ги научам. Тоа е исто како кога почнав да играм, сѐ што сакав да направам е да учам и колку повеќе учев толку беше подобро. Сега ќе се обидам да го сторам истото тоа како тренер – вели Иниеста, кој сега живее во Дубаи, пренесе „Би-би-си“.

СТИЛ

Иниеста е целосно свесен за влијанието што ќе го имаат неговите години во Барселона врз неговиот тренерски стил.
– Очигледно, пораснав, искусив и чувствував одреден начин на разбирање на фудбалот и играта во текот на целата моја кариера. Тоа е она што го живеев во текот на моето време во Барселона со тамошните тренери, со филозофијата на тој клуб. Така, имам намера мојот тим да има препознатлив стил колку што има секој тим со својот тренер. Но којзнае? Можеби за икс-години, кога ќе бидам тренер, ќе разговараме за други нови работи. Меѓутоа, во денешно време, и ова звучи како клише, толку е тешко да се победи, бидејќи секој тим е суперподготвен – вели тој.
Иниеста беше многу повеќе од голем фудбалер. Според неговите зборови, она што е важно „повеќе од ривалството, вашиот тим или вашите бои, е да се биде човек и добра личност“. Без разлика дали е на теренот, во салата за состаноци или каде и да избере да ги живее следните поглавја од својот живот, речиси сигурно не сме го слушнале последното на Андрес Иниеста, пишува „Би-би-си“. Н.М.