Пожарите, кои непрекинато беснееја ова лето, не само што опустошија големи
површини од шумите во Македонија туку, исто така, ги зголемија сомнежите околу можноста тие да се подметнувани, со што се наметнува темата за преземање
решителни чекори за мерки што истовремено би помогнале за заштита на животната средина и за спречување на ваквата злоупотреба
Уште едно лето помина каде што пожарите долго време беа главна тема, а потоа како и вообичаено се заборавија сѐ до идната година и новите пожари. Оваа година медиумските написи споменуваа алармантни бројки со регистрирани над 3.000 пожари во првите осум месеци од годината – во превод тоа значи дека пожарите имаат зафатено дури и повеќе од пет, односно шест проценти од територијата на Македонија.
Ваквата ситуација честопати значеше и потреба за искористување на целосната опрема и човечки ресурси, со што покрај локалните противпожарни екипи се исцрпуваа и максималните национални капацитети за справување со пожарите, поради што земјата неколкупати бараше странска помош вклучувајќи го и ЕУ-механизмот за цивилна заштита за гаснење на пожарите.
По гаснењето на пожарите, дел од противпожарните екипи, дел од дождот, јагленисаните остатоци остануваат да сведочат за оваа катастрофа, а во јавноста сѐ повеќе се алудира на тоа дека дел од нив се подметнати. Дури и денес, ако поминете крај некои од подрачјата што најмногу беа опфатени со пожари, како пожарот на Галичица, ќе забележите изгорени дрвја и уништена шума.
Пожарите не само што зафатија огромни површини шуми ова лето, вклучувајќи и заштитени подрачја во националните паркови, туку несомнено ги нарушија и локалните екосистеми, загрозувајќи ја биолошката разновидност. Ваквата ситуација нагласува потреба за сеопфатни стратегии за управување со пожари и нивна превенција во иднина.
Сомнежи за подметнати пожари
Преку широката и брза распространетост на пожарите, во услови каде што изостануваат доволно објаснувања за нивното природно настанување, со право се јавува загриженоста за вмешаност на индивидуалци и групи. Причините за вакви подметнувања на пожарите се поврзуваат и со искористувањето на изгореното дрво, кое подоцна би се пласирало на пазарот.
Ваквите сомнежи резултираат со сѐ повеќе повици за регулирање на пазарот за огревно дрво и за заштита на шумите во Македонија од понатамошна експлоатација. Истите тие не се само реакција на актуелната ситуација туку и дел од поширока загриженост за одржливото управување со природните ресурси и здравјето на екосистемите, но и за сузбивање на криминалот и корупцијата.
Овие сомнежи се дополнително поттикнати од недостиг од јасни резултати од истрагите за причините за пожарите, а недоволниот капацитет за спроведување на законите и контролирање на теренот само го влошуваат овој проблем. Како последица, пожарите не само што нанесуваат огромни штети врз животната средина и заедниците туку и создаваат чувство на недоверба кон институциите и способноста на државата да ја заштити својата природна средина.
Само една пресуда за една деценија!
Иако веќе постои закон што го опфаќа предизвикувањето шумски пожар од големи размери, во последнава деценија е донесена само една таква пресуда, со што се доведува во прашање спроведувањето на законот.
Напоредно со тоа, и покрај многубројните пожари изминативе три години, во периодот помеѓу 2022 и април 2024 година, никој не бил осуден за кривичното дело „предизвикување шумски пожар“, а непостоењето регистар на шуми само го отежнува докажувањето на потеклото на пожарите. Од пресудите за предизвикување општа опасност, пак, само дел од нив се однесувале на шумски пожари, со што се укажува на потребата од нов Кривичен законик, кој ќе ги прецизира законските одредби поврзани со шумските пожари и ќе воведе построги казни за сторителите.
Сепак, само во август оваа година, напоредно со големиот број нови жаришта, веќе се отворени неколку истраги за предизвикување пожар, а постојат сомнежи дека и други од новонастанатите пожари всушност биле подметнати.
Но во секој случај, изгледа дека сегашната законска регулатива не е доволна, и дека заедно со неказнивоста, постои недостиг од регулирање на вистинските причини за пожарите. Овој недостиг укажува на потребата за сеопфатен преглед на законските рамки, со цел да се идентификуваат и исправат слабостите во сегашниот систем. Па така, се наметнува темата за преземање нови решителни чекори и за итната потреба од законски реформи што дополнително би ги регулирале ваквите прашања.
Неефективност на сегашните законски решенија
Се чини дека мерките што беа преземани ова лето, како забраните за движење во шумите, кои требаше да резултираат со заштита од пожари, исто така не беа ефективни, поради очигледната ситуација што ја имавме со пожарите, но и поради сомнежите за предизвикувачи на пожари и на други начини, некои и непознати досега, како на пример преку огнени балони.
Честопати терените каде што се случува потпалувањето на пожарите не се под контрола и надзор, а тоа придонесува за тешкотии при пронаоѓањето на сторителите. Токму затоа, покрај зголемување на казните, државата истовремено треба да ја зголеми контролата и да понуди и стимулативни награди за поединци што пријавуваат и активно учествуваат во зачувување на шумите и превенција од пожари. Со тоа би им се олеснило и на екипите што треба да ги идентификуваат потпалувачите, за што ова лето беа ангажирани и дронови.
Во некои ситуации токму рестрикцијата на човечки пристап во шумите може да ја ограничи раната детекција на пожарите. Планинарите, камперите и други посетители се најчесто тие што први ги забележуваат пожарите и истите тие ги пријавуваат на надлежните за соодветна реакција пред нивно проширување. Преиспитувањето на забраната на движење во шумите како главна мерка на која би се повикувале и размислувањето за стимулативни награди за пријавување на потпалувачите би можело да доведе до позитивен ефект.
Построги законски формулации
За конкретните законски реформи во однос на регулирањето на пазарот за огревно дрво, може да се ориентираме на позитивни примери од земји што веќе имале слични проблеми со пожарите. Имено, медиумите периодов често го цитираа примерот на Шпанија, како земја што пред 15 години ја има забрането сечата на изгорено дрво што резултирало со 80 отсто намалување на пожарите.
Напоредно, и кај нас е потребна широка јавна и институционална поддршка за носење слични законски измени со кои би се забранила сечата на изгореното дрво на одреден подолгорочен временски период, или целосно – продажбата на изгореното дрво на приватни субјекти, осигурувајќи го управувањето на државата со овие ресурси. На тој начин, намерното опожарување на шумите за сеча на истите тие ја губи својата смисла, а управувањето на државата со опожарените подрачја дополнително ја зацврстува ваквата теза.
За тоа потребно ќе биде и дополнително вложување во државни капацитети и во форма на човечки капитал, но и преку современа опрема.
И покрај тоа што со завршувањето на летото и смирување на состојбата со пожарите темата престана да се споменува, всушност токму сега е моментот да се креира стратегија и да се донесат нови законски решенија со цел идната година земјата подготвено да се справи со летните пожари.
Потребно е и зголемување на висината на казните за оние што ќе бидат фатени како намерно подметнуваат шумски пожари, но и ново дефинирање на палењето пожари „од небрежност“, преку построга формулација на законот, земајќи ги предвид новите можни закани, но и пронаоѓање на сторителите и ефективна казнивост во пракса.
Дополнително, потребно е инвестирање и за чуварите на шумите сѐ со цел да се гарантира спроведување на законот, со особено внимание и ангажираност за време на летниот период. Информирање и зголемување на јавната свест кај населението е исто така важен аспект.
И додека како што поминува времето пожарите се веќе далеку од фокусот на настаните, не смее да се дозволи државата да чека до идното лето за да се размислува за решенија на оваа тема. Шумите претставуваат витален национален ресурс, а се директно загрозени од пожарите, за што е потребна стратегија за заштита и дејствување. Токму затоа, времето за дејствување треба да биде сега, а со секое одложување се ризикува да се уништат нови хектари шуми на кои им биле потребни децении за да израснат.
Бојан Лазаревски
„Рес публика“