Фото: Маја Јаневска-Илиева

Членовите на „Меморија“ синоќа ни покажаа и докажаа дека татковината се сака и со песни испеани на македонски јазик, со ширење на патриотизам и убаво чувство за ова парче земја, за ширење на радост меѓу луѓето, дојдени синоќа од цела Македонија

„Нема меморија на македонската популарна музика без групата „Меморија“, рече синоќа нашиот меѓународно признат пијанист, маестро Симон Трпчески, во своето видео обраќање, до публиката и до членовите на групата, на концертот во „Борис Трајковски“ по повод четири децении постоење на овој бенд. И не почести со негова интерпретација на пијано на „Оган под ѕвездите“, изразувајќи жалење што поради закажаните концерти не може да биде во салата.

А овој оган, ете и по четири децении жари и пали, не носи назад во минатото, но и навестува дека годините не се пречка ако нешто се прави искрено и од срце.
Само две години откако речиси ја наполнија истата сала, во јуни 2022-та, а 7 години по настапот во „Метроплис арена“ на Скопски саем, што веќе го нема, со сега веќе култниот концерт, Петар Георгиевски алијас Перо Камиказа, Сашо Ангелов Сале, повратникот Давор Јордановски, новиот член гитаристот Рубин Димкоски, пејачите Апосотол Икономов Поце и Ристо Самарџиев, уште еднаш напрвија вистински подвиг. И не само што покажаа дека и македонски музичари полнат сали и привлекуваат публика, туку и дека оставиле неизбршлива трага и песни, кои му одолеале на времето и се уште живеат.

„По прв пат имам трема како кога настапував како гимнастичар во државната репрезентација на Македонија во Љубљана како пионер 1974 година! Сега по половина век, пак ја чуствувам таа позитивна трема и желба за заедничко екипно докажување со бендот! Македонија вечна! Драга Македонијо, никогаш не те предадов и додека ме крепи умот, духот и телото на сите начини ќе се борам за тебе! Ова е еден од начините, а ги има повеќе! Уште еднаш се за Македонија! Се гледаме на концерт во преполната арена „Борис Трајковски“, напиша Перо на својот профил на Фејсбук, непосредно пред почетокот на оваа, трета во низата, средба за паметење.

Уште на самиот почеток на концертот, точно во 9 часот, по едночасовниот настап на прилепската група „Фор“, на која се надеваме ова ќе и даде ветер во грб во иднина, се затресе „Борис“ од веселите вибрации и добрата изведба. И се менуваа песните, се течеше според планираното, во до најмал детал подготвеното сценарио за концертот, но кога одекна „Нена“, оној добро познат жубор на задоволство и среќа ги преплави сите во салата. А еден концерт да биде успешен, најважна е енергијата што ќе се созаде меѓу членовите на групата и публиката. Тоа е магијата, тој спој на енергиите кога заборавате каде сте и несвесно, влегувате во приказната, синоќа се случи по изведбата на хитот со кој, далечната 1984 година, „Меморија“ се вивна во ѕвездите.

И така се до полноќ. Четири часа да трае концерт, тоа навистина е долго, ќе рече некој. Но ако секој час беше посветен на десет години постоење на групата, тоа и не е толку долго, зашто „Меморија“ синоќа ни покаа и докажа дека татковината се сака и со песни испеани на македонски јазик, со ширење на патриотизам и убаво чувство за ова парче земја, за ширење на радост меѓу луѓето, дојдени синоќа од цела Македонија.

Целокупниот настап на „Меморија“ звучеше црвсто, речиси совршено и сите членови и музичарите и пејачите, овојпат си дозволија да уживаат на сцената, а секој од нив со своја енергија му даде печат на концертот. Гитаристот Рубин, со својот чист звук на гитарата и убавата енергија, како да ги разубави песните, Давор Јордановски и овојпат си поигруваше со клавијатурите и ширеше радост, а тапанарот Сале беше во топ форма, како и секогаш, што го докажа и со енергичните соло делници. И басот на Перо синоќа звучеше одлично и моќно, а пејачите Поце и Ристо како да се надминаа себе си.

Најпрво Поце кој се што отпеа беше фантастично, повторно успеа да не изненади со модулациите што ги прави со својот глас. Особено беше емотивна неговата изведба на баладата „За тебе“, посветена на неговата неодамна почината сопруга, кога го совладаа емоциите, а публиката во знак на поддршка долго и силно му ракоплескаше.

Ристо Самарџиев, кој доминираше во вториот дел на концертот, освен со својот глас и сугестивната интерпретација, остави впечаток и со комуникацијата со публиката, која гласно пееше со него.

„Да ги паметиме овие мигови, да си подадеме рака едни на други, да дозволиме сите да не прегрне оваа средба“ – порача тој.

Сите не допре и моментот кога Ристо Самарџиев заедно со младиот прилепчанец Филип Николоски, момче кое се движи со помош на индвалидска количка ја испејаа песната „Само за добро нека е“, што гитаристот Рубин пред три години ја напишал токму за него, на текст на Дуле Темелкоски, некогашен член на „Бен Хур“. „Ова беше најубавиот миг во мојот живот“ – рече тој по настапот.

А во публиката првиот ред до сцената беше резервиран за членовите на здружението „Мобилност“, хуман потег што веќе стана традиција на концертите на „Меморија“.

И се редеа песните испеани и со многу гости, повеќето наши познати пејачки и инструменталистки.

Концертот го отвори Андријана Јаневска со изведбата на песната „Параходот си замина“, од репертоарот на легендарниот Никола Бадев, украсена со зурла и тапан, кој беше во рацете на младата Тијана Илова…Потоа следеше медли од македонски родољубиви рефрени со нови аражмани и секако „Македонија“ на Дадо Топиќ, што и „Меморија“ секогаш ја изведува на свои настапи, уште од осамостојувањето.

Потоа Поце ги отпеа „Илјада песни“, „Одам засекогаш„, „Бејби, бејби“…, а Перо Камиказа, во негов стил, за секоја кажа поп некој збор. Ја слушнавме и „Јана“ од репертоарот на групата „Триангл“,едни до основополжниците на македонскиот рокенрол, па „Нена“, „А ти каде си“. Во песната „Возови“ се ралеа звукот на саксофонот на Александра Илиева, а „Зошто боже“ беше отпеана заедно со повеќеилјадната публиката, како и најголемиот хит, вонвременската „Оган под ѕвездите“, која Сара Мејс ја украси со звуците на својата харфа.

Кога одекнаа тактовите на „Сите мои слики“ , што ја отпеа Ружица Брчиоска од исто така долговечната и успешна македонска група „Ареа“, со поддршка на гитара на сопругот Ивица и на сите членови на „Меморија“, се се заниша и сите хорски пееја со неа. Еуфоријата продолжи и со настапот на Дани која го испеа хитот „Што до тогаш“, по што следеше вистинска муичка посластица, бидејќи песната „Мотори“ на „Дивље јагоде“ ја изведоа трите дами, Сара, Дани и Андријана и уште повеќе ја вжештија рокерската атмосфера, која кулминираше со „Smoke on the wаter“ на „Дип Парпл“.

Во вториот блок химната „Мој народе“ Ристо ја испеја со публиката, која ги слушаше сите негови упаства за гласно и тивко пеење, а потоа згрме во „Има ли ден“. Секако не може да мине концерт на „Меморија“ без „Нашите слики“,скопската тема „Снежо, Снежана“, со која израснаа многу генерации, а неговиот хит „Таму кај шпто си“, што сите го пеевме, ни докажа дека сме на вистинското место. И се разбира за крај „Дирлада“ сите не разигра и распеа, благодарение и на извонредните „Блезери“.

На бис повторно ја слушнавме „Оган под ѕвездите“, а заедно со сите учесници на концертот повторно прозвуче „Македонија“, но и „Едно име имаме“, кога уште повеќе се развиореја македонските знамиња во партерот.

И додека уште еднаш сите потскокнувавме на тактовите на „Дирлада“, некаде на полноќ, си помислив, нека продолжи трендот наши артисти да настапуваат пред преполни сали, бидејќи тоа навистина и изгледа и звучи убаво.