Денеска во 18 часот почнува 22. издание на Детскиот евсосонг што ќе се одржи во Мадрид, Шпанија. Македонски претставници се Ана Ванчевска и Алексеј Ивановски. Тие настапуваат седми по ред, а ќе ја пеат песната „Маратон“, на авторите Ена и Лазар Цветковски.
Ана Ванчевска, родена на 3 мај 2010 година во Битола, е талентирана млада пејачка која досега учествувала и освоила први места на голем број музички фестивали. Таа годинава беше избрана за единствена претставничка на Македонија на престижниот меѓународен фестивал „Сан Ремо Јуниор“ во Италија. Покрај музичкиот успех, Ана е посветен ученик и добитник на бројни државни награди по математика, физика и француски јазик и е вклучена во реализација на многу проекти.
Алексеј Ивановски, роден на 7 декември 2011 година, во Битола, исто така плени со својот убав глас и харизма. Учествувал и победил на бројни музички фестивали.. Тој е активен на бројни општински, регионални и државни натпревари по предметите математика, англиски и француски јазик, каде освоил повеќепрви места. Сака да плива, да шета во природа и да се дружи. Ги сака животните и се грижи за нив.
Гласањето е во тек, а завршува денеска во 17.59 часот, на веб страницата www.jesc.tv .Треба да се изберат 3 омилени песни, но исто така можете да се гласа и за сопствената држава. Гласањето е бесплатно и од еден уред можете да се гласа само еднаш. Последното гласање ќе биде повторно отворено во времетраење од 15 минути по завршувањето на изведбата на последната композиција, на истата веб страница.
Резултатите се добиваат како збир на онлајн гласовите на интернационалната публика и поените од професионалните жирија во однос 50:50.
Носителoт на лиценцата, Македонската радио-телевизија, ќе врши директен пренос од изборот.