Енигмата на мистичниот Џокер

Пред нешто повеќе од еден месец премиерно и кај нас се прикажа продолжението на „Џокер“, насловен „Љубов во двајца“. Иако пред да го погледнам слушнав повеќе негативни критики отколку добри, сепак одлучив да се уверам, да донесам своја одлука дали тоа навистина е така, бидејќи не им робувам на стереотипните маргини. Филмот започнува во менталната установа „Аркам“ каде што Артур ја чека пресудата за своите кривични дела. Улогата на Џокер веродостојно ја толкува вечниот негативец Жоаким Феникс (брат на починатиот Ривер Феникс, кој и покрај тоа што имаше потенцијал за блескава филмска кариера, сепак предозиран почина на 23 години). Но да се вратиме на нашата приказна; токму тука во „Аркам“, Артур ја запознава својата сродна душа (или барем така мисли) Ли Канзел (Лејди Гага) и за првпат не се чувствува осамен, па почнуваат да кројат љубовна приказна.
Костимираната сцена од нивниот танц наликува на модерни Фред Астер и Џинџер Роџерс, а доминираат и гласовните способности на веќе докажаната музичка суперѕвезда Лејди Гага, која покажува завиден талент, освен за докажаното пеење, и за актерската игра, и на која, ако продолжи со исто темпо, ѝ претстои блескава иднина. Зачмаениот синдром на провинцијализмот и виолентноста се како заштитни симболи на маркантната појава на подзаборавeниот ирски актер Брендон Глесон во улогата на садистичкиот чувар, кој се изживува врз грбот на Артур, и тоа на најподол начин. Тод Филипс умно нѐ води низ лавиринтите на декадентниот Готам, кој како да ја насетува апокалиптичната визија. Но дијаболичниот нерв за одмазда кај Артур не мирува, напротив, температурата се подига на највисоко ниво кога ја осознава суровата вистина, не само за својот идентитет туку уште повеќе за мистеријата за неговата мајка. Всушност, таа е директен виновник за прокоцканата судбина на својот син; таа е демон преобразен во јагнешка кожа, и со години не може да го скроти своето нимфоманско либидо паѓајќи во љубовни прегратки на најразлични мафијашки босови. Од едната страна е понесен на крилјата на љубовната бајка и како на среќата да ѝ нема крај, а од другата на списокот на лишени жртви ќе се најде, освен довчерашниот шеф, и неговата мајка. Кататоничниот изглед на психоза го втурнува во вителот на безмилосен асасин. Признавајќи ја суровата вистина во судницата како Џокер, кловн и стендап-комичар, со доза шарм, на прва топка го освојува гледачот, кој е подложен на манипулација гледајќи во него жртва, а не агресорски гег.
Иако филмот „Џокер“ е познат негативец од стриповите „Комикс“, двоецот Филипс/Силвер успешно му вдахнува карактер на сложеност во медиумот на играниот филм, кој сосема заслужено Феникс го закитува со златната статуетка „оскар“ во 2019 година, но освојува и „златен лав“ во Венеција за најдобар филм. Затворската атмосфера ќе ја сретнеме и во милјето на „Бегство од Шошенк“ (1994), но и во „Зелената милја“ (1999) каде што главните носители на ролјите се исто така престапници осудени на доживотна робија. Ако на коскениот изглед на Артур го додадеме и атмосферското сивило каде што има доминација на болни пациенти во болницата, тогаш имате чувство како да сте се нурнале во светот на платната на фламанскиот мајстор Франс Халс или можеби робусниот Франциско Гоја, а филмската естетика на грдото го постигнува својот зенит.

Не би биле правични ако не ја пофалиме веќе докажаната холивудска ѕвезда Жоаким Феникс, која неоспорно поседува широк дијапазон на актерски талент, но и способност да го оживее ликот на Адам со својата безразумна насмевка низ солзи и експресивната гестикулација со мимика на изопачен и напатен лик, кој го вовлекува гледачот длабоко да навлезе во мистериозниот дух на Артур. „Љубов во двајца“ аподиктично ја распослува вистината на луцеровиот слуга, во случајот маскираниот Џокер, „потстанар“ во сопствениот ум, социјално депривиран Артур. Лејди Гага е посебно освежување во филмот со својата харизматична природа, која во исто време буди еротичност и сензуалност, но сепак сме во дилема каков епилог ќе понесе судењето? Дали неговиот добар пријател Гери, кој го носи во себе трауматичниот синдром, ќе пропее пред поротата и доаѓаме до најбитното прашање, како ќе се рефлектира врз Лејди Кинзел (Лејди Гага), професионална пироманка и ноторна лажга, која сака да се вгнезди во срцето на Артур за да бидат заедно или ќе се препушти на фантазмите на надреалното.
И сосема за крај останува прашањето дали филмот на Тод Филипс ќе ве внесе во светот на агонијата или ќе ве остави пред вратите на екстазата каде што можеби веќе владее новиот господар на Готам.