Бугарија
Според бугарските аналитичари и нивните осврти во медиумите, „обидите за формирање коалиција составена од четири партии не гарантираат политичка стабилност во Бугарија, туку, напротив, постојат низа индикатори дека акумулираат потенцијал да предизвикаат нова политичка криза зголемувајќи ја потребата за нови избори“. Тие го објавија тоа по вчерашната прва седница на новоизбраниот бугарски парламентарен состав.
На пример, БНР пренесува дека „лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, ја најави можноста за формирање влада со Продолжуваме со промените-Демократска Бугарија (ПП-ДБ), Бугарската социјалистичка партија (БСП) и Има таков народ (ИТН)“. Според медиумот, Борисов истакнал дека „бугарската влада може да биде формирана без учество на ДПС-Нов почеток, фракцијата на Делјан Пеевски, Алијансата за права и слободи (АПС), без Преродба (Вазраждане) или Морал, единство, чест (MEЧ) затоа што не се од исти идеолошки семејства“.
Конститутивната седница на бугарскиот парламент се одржа во период кога во Софија беа најавени седум протести, на кои се очекуваше да излезат илјадници незадоволни бугарски граѓани.
За издвојување е дека бугарската полиција за јавноста соопшти „оперативни податоци за планирани намерни инциденти“, но увери дека се преземени мерки за одржување на ситуацијата под контрола.Се проценува и дека протестите би можеле да влијаат врз динамиката на политичката сцена. А присуството на значителен број луѓе пред парламентот е уште еден доказ за големото јавно незадоволство од актуелните политички процеси и од начинот на работење на бугарските државни институции.
Предвидено е бугарското собрание да заседава и денеска, откако пратениците вчера не успеаја да постигнат согласност за избор на претседател на законодавниот дом. За функцијата беа предложени пет кандидати, но ниту еден не ја доби потребната поддршка. Р.С.