Уште од Рим, Римската Империја констатирала дека Македонецот е најголемата опасност за нивното владеење и по трите римско-македонски војни и победата над последниот македонски крал Персеј, прво што направиле е поделбата на Македонија на неколку провинции, на кои им забраниле меѓусебен контакт за да ги разединат и ослабат.
Истото тоа го направиле и нашите мили комшии во 1912-1913, со помош на Париз, Лондон, Берлин и, за жал, учествувала и Москва – царска Русија на чело со царот Николај, еден од трите внуци на англиската царица. И како што напоменав, уште од Рим светската геополитика не ни била наклонета, па така, со процената на големите играчи дека Турската Империја е во распаѓање се правеле планови за повторна поделба на македонската земја на делови провинции.
Царска Русија како голем играч правела планови како да излезе на топлите мориња – Бело Море и за таа потреба од свој интерес прогласила некакваси Санстефанска Бугарија во 1878 година, со кој нацрт-договор цела етничка Македонија, дел од денешна Србија, дел од Албанија и Косово би влегле во нејзините граници. Тој проект останал само на книга, а во пракса никогаш не заживеал.
Бугарската држава од 1878 година до ден-денес плаче за тој неостварен сон, па отидоа дури дотаму што тој ден го прогласија за државен празник, што во пракса значи – гладна кокошка просо сонила. Нормално, Царска Русија си го гледала својот интерес и сакала да направи голема бугарска држава преку која би можела да си ги оствари своите геополитики. А за таква бугарска држава цело население во тие територии да биде со бугарска самосвест. За таа потреба се нашле луѓе во етничка Македонија што ги праќале во Русија, ги школувале со една цел да ја шират бугарштината меѓу населението.
Па така, првите описменети и школувани Македонци пишувале со бугарска азбука и писмо, па денес бугарската држава тој факт го користи како главно оружје во наводното бугарско потекло на македонскиот народ. А бидејќи повеќето наши историчари, академици и интелектуалци учеа од книгите на МАНУ,САНУ и БАНУ, а не од вистинските, го изоставија овој факт и им дадоа отворен простор на сите наши комшии да нѐ негираат и етнички уништуваат.
Првите договори за етничко чистење на Беломорска Македонија биле озаконети со некојаси конвенција помеѓу Грција и Бугарија во 1919-1920 година, со која се договориле за доброволно иселување на Македонците од Беломорска Македонија во Бугарија – Добруџа. Бидејќи народот не сакал доброволно да го прави тоа бил подложен на терор и протерување. На негово место биле доселени христијани од Турција, кои народот ги нарекувал Маџири. Сето тоа било направено со благослов на Лондон, Париз и Берлин, истите тие што денес не мавтосуваат со некакви протоколи и договори што немаат врска со здрав разум.
И тогаш и сега европските моќници си ги гледале личниот интерес и џебот, а низ Македонија прошетаа сите европски глави. Бидејќи со таа конвенција договор Беломорска Македонија не била во целост исчистена се направил нов план, кој е реализиран во 1946-1949 год., повторно со истите играчи, плус СФРЈ. Втората светска војна е завршена на 9.5.1945, а во Беломорска Македонија се исфабрикува граѓанска војна со лажна парола за создавање грчка комунистичка држава во која наводно македонскиот народ би добил право на јазик и национални права. Идејата била лажна и сосема неостварлива за секој просветлен човек оти таму веќе биле стационирани флотите на Англија и Америка. За таа ујдурма да биде успешна морала да биде вклучена и СФРЈ. Во почетокот давала оружје, војска и секаква друга помош, а ранетите борци биле лекувани во македонските болници, додека границата меѓу Грција и СФРЈ била фиктивна.
Кога еден ден ќе се отворат и објават тајните договори ќе се знае точно како бил изигран македонскиот народ за да имаат причина конечно да го исчистат од неговите вековни огништа. Во моментот кога имале некаквиси шанси за победа како нашиот народ би ги добил своите права на свој јазик и етникум, СФРЈ ја затворила границата, ги повлекла единиците и оружјето и ги оставила луѓето на милост и немилост на тамошните власти и на напалм-бомбите на англиските авиони. Народот бил целосно изигран и, наместо во СРМ, бил транспортиран преку албанските беспаќа по цела Источна Европа од Романија, Полска до далечниот Ташкент. Намерата била да се расели што подалеку и во повеќе држави како не би можел да се организира и евентуално да се врати. Се одело дотаму што се делеле фамилиите односно се делеле децата од родителите, од дедовците и бабите, жените од мажите, па некои деца никогаш не успеале да си ги пронајдат родителите и блиските. Потресни се кажувањата на преживеаните кои денес живеат од Европа до Австралија, Канада и Америка. Целта е постигната, каде што немаш народ не можеш да правиш држава.
Во пиринскиот дел на етничка Македонија, со разни притисоци на властите од 168.000 Македонци на пописот во 1948 година, денес се сведени на неколку илјади, што значи дека работата е завршена и таму. На ред е Вардарска Македонија, оти некој проценил дека на овој дел македонскиот народ е мнозински го скроил планот како да ги намали за да може полесно да ги манипулира.
На пописите во 1948-2002 етничките Македонци варирале од 68,5 до 64,18 отсто во 2002 година, а на пописот од 2021 година, ако тоа воопшто беше попис, паднаа на 58,44 отсто, нормално со неевидентирани 142.969 Македонци како неопределени и 80.000 Македонци муслимани. Секој писмен човек може на интернет да ги види овие манипулации каде што целта е етничките Македонци секој ден да бидат сѐ помалку како би го озакониле апартхејдот. Начинот на кој е спроведен последниот попис треба да биде интерес и на новата влада за да се разоткријат сите неправилности. Новата власт треба да биде свесна дека непријателите не мируваат, ни внатрешните ни надворешните, по примерот што ни се случи во Албанија на тамошниот попис.
По сите закони на природата, најмногубројниот етнос во државата процентуално и во бројки треба најмногу да се зголемува во однос на другите, а само во Македонија, Америка, Канада, Австралија и Нов Зеланд домородниот етнос се намалува.
Еве тема за нашите квазиинтелектуалци да пробаат да го откријат виновникот додека не прогласиме апартхејд оти, не дај боже, уште еднаш ако се вратат претходниве, повторно ќе имаме весела математика, па откај нас ќе одземат, кај другите ќе додадат и отиде и Вардарска, како Беломорска и Пиринска.
Благоја Филиповски-Бојанче