До вчерашниот последен ден на шампионатот македонските каратисти имаа вкупно 15 медали, по четири златни и сребрени и седум бронзени
КАРАТЕ – ПО ДВА ДЕНА НА БАЛКАНСКОТО ПРВЕНСТВО ЗА КАДЕТИ, ЈУНИОРИ И ЗА ПОМЛАДИ СЕНИОРИ
На 24-то Балканско првенство за кадети, јуниори и за помлади сениори (до 21 година), кое се одржа викендов во Сараево (БиХ), македонската карате-репрезентација до вчерашниот последен ден освои вкупно 15 медали, што претставува голем успех. Од нив, по четири се златни и сребрени и седум бронзени медали, со што од вкупно 11 селекции го заземаше високото четврто место, зад БиХ, Србија и Турција.
Со златен медал се закитија Душица Бреслиева (борби, кадетки до 54 килограми), Андреј Стојчевски (борби, кадети до 61 кг), Матеј Белистојаноски (борби, помлади сениори до 21 година, до 67 кг) и Љупче Михајлов (борби, помлади сениори до 21 година, до 75 кг). Сребро освоија Дамјан Митревски (борби, кадети до 52 кг), Јован Врклевски (борби, кадети, со 57 кг), Филип Стојанов (борби, јуниори, над 76 кг) и Данка Стојкова (ката, јуниорки). Бронзени медали освоија Илијана Серафимова (борби, јуниори, до 53 кг), Кенза Фетаи (борби, јуниорки до 59 кг), Мила Панчева (борби, до 55 кг), Јована Мицовска (борби до 61 кг), Недим Шаќири (борби, до 60 кг), Данило Божовиќ (борби, до 84 кг) и Стефан Стојановиќ (борби, до 84 кг), сите во категоријата помлади сениори/ки, до 21 година. Г.И.