Деновиве во просториите во НУФЦ „Вардар филм“ започна дигитализација на аудиоленти (од периодот 1940-2000 година) што беа зачувани во депото.
Станува збор за околу 400 ленти што содржат радиодрами, документарни филмови, македонска и албанска музика, репортажи и работни фајлови од филмските класици во продукција на „Вардар филм“.
Процесот на дигитализација се одвива во колор грејдинг студиото, кое е функционално и како нелинеарна видеомонтажна станица, по иницијатива на вработените на „Вардар филм“ за да се зачува наследството на установата во целост, а ќе трае неколку месеци. По обработка на сите ленти и физички забелешки што следуваат со секоја од лентите, фајловите ќе бидат архивирани и попишани во дигитална датабаза.