Сега нешто Иран ретерира! Можеби ајатолахот е попаметен од другите. Или го крие ѓаволот. А како се договориле Американците и Русите? Тајна е, но најверојатно Америка го задржува Медитеранот, ќе има палестинска држава сега или подоцна (сега веќе зависи од САД), Кавказот и Украина ќе ги поделат, а Иран ќе „пуфка“ со чалами и БРИКС-ање до некоја шарена револуција. Ете, во Албанија жестоко се бунат против мафијата. Кој ги буцка?
Колумнава ја пишувам во вторник, 5 ноември 2024 година. Кажувам, бидејќи до утре не знам што ќе се случи во овој пекол наречен Блиски Исток. Пријателите ме тераат да кажувам за нашиве македонски, но и тамошните вриежи, бидејќи сето тоа е едно исто, еден ист организам, иста арена на гладијатори и иста депонија на умот што се вика ПАРИ И ОМРАЗА. Светот е „руски рулет на идиотите“, а ние сеирџисуваме, коментираме… а бе, „прдежи во пис одаја“. А ако ракета летне наваму… еееј? Не, не е можно… си имаме разузнавање! – Хи-хиии… а бе, едни рутински летови не се сигурни кај нас, а камоли откривање сериозна формација како УЧК (или мафија). Во новата книга на професор Бабановски (јас сум рецензент) ќе видите каква „кокошка“ ни печат службите.
Ајде да се вратиме на темата – Израел. Откога беше формиран, Израел веднаш започна војна со арапските земји. Од една страна тоа значеше продолжение на холокаустот за Евреите, но и за недолжни Арапи (тие себеси се викаат Филистинци, што алудира на Палестинци), кои мораа да се иселат наоколу. ЗОШТО ИЗРАЕЛ МОРА ДА ИМА НАЈСИЛНИ ОРУЖЈА ПЛУС НУКЛЕАРНО? – БЕЗ НИВ ИЗРАЕЛ Е МРТОВ! Околните земји ќе го згазат! Милијарда и пол муслимани се. И светот ќе го згазат (Семјуел Хантингтон). Омразата е до небото. Најмногу Палестинци отидоа во Јордан, но и во други земји (Либан, Египет, Ирак, малку во Иран и сѐ повеќе во Европа). Арапските земји не ги примија со арно, па во септември 1970 година армијата на кралот Хусеин ги измасакрира. Тоа се вика „Црн септември“. Денес Палестинците се бројно повеќе од Јорданците (Хашемити), кои од нив се плашат како од црна чума. Концентрирани се кај реката Јордан, Газа и Аман. Се плашат и сите „нивни пријатели“, па затоа не ги примаат. Во Либан се посилни од либанската армија. Но кога во Иран дојде ајатолахот Руола Хомеини, кој е производ на „покер“ меѓу службите на САД, Британија и Франција, новите ирански служби МОИС, ИРГЦ, силите „Кудс“ и Басиј-милиција имаа своја игра и го формираа Хезболах во Либан. Хезболах има над 200.000 ракети, кои ги добива од Иран (веројатно и други „донори“), и секој ден ги фрла врз Израел. Монтазери, главниот безбедњак и идеолог на Хомеини, по неговата смрт почна да им се спротиставува на наследниците, веројатно во дослух со западните служби и Израел. Имаше ќерка и син што студираа во Лондон и во Белград и спектар на пријатели, под чие влијание стана „протектор“ на права на жените и на Бахаите. Монтазери е, што би рекле нашите, „уставотворец“, нешто како „македонските Џеферсони“ – Поповски – Фрчковски. Тој го озакони исламскиот монархизам, а потоа се подзаврте кон светот сакајќи да нормализира нешто од тој суров режим. Всушност тој т.н. „фундаментализам“ е проекција на Западот, како што и Истокот е проекција на Западот, што денешниве истокофренетици се немоќни (импотентни) да го перципираат. И Хамас е конструкција на службите ЦИА и Мосад, со асистенција на Бенјамин Нетанјаху, во 1980-тите години, за да се создаде непријател на ПЛО воден од Јасер Арафат. Претседателот Јицак Рабин беше убиен заради постигнување мир со ПЛО, а Ариел Шарон го повлече Израел од Газа и околината (каде што со векови живееле Евреи) – за да има „мир во куќа“. Грешка! Мир таму нема ниту ќе има, бидејќи сите лажат, Арапите ги сакаат Ерусалим (да владеат со светот), Голан (да го гаѓаат Израел) и Виа Марис („цареви“ на Средоземјето).
КОИ СЕ ЖЕЛБИТЕ НА ИРАНИЗМОТ (како и на светот)? – Моќ, пари… Цена за „покерот“ е антисемитизмот. Секогаш бил и ќе биде. ИСТО И КАЈ ЗАПАДОТ – ГЛАВНИ НЕШТА СЕ моќ, пари, Холивуд (сатанизам, секс) и антисемитизам. Антисемитизмот е вечен и е резервна карта за идни Аушвици и Треблинки. Немам илузии, светот би се откажал од Евреите и Израел за секунда – ако има интерес. За жал, истото тоа важи и за Македонија. ИРАН СЕГА ИМА ВНАТРЕШНИ ПРОТИВНИЦИ. Во самата религија мнозинство се Шиити, но има и Сунити, со кои вечно се мразат (нема балансери). Најмногу се Персијци. Има и либерални струи, секуларисти, христијани, комунисти („хегелијанци“), потоа Курди, Турци, Туркместанци, Ахвази, Азербејџанци, Авганистанци, Талибанци, Белохи, Сиријци, Ерменци, Индуси, Арапи, Палестинци, Балухи (Јундалах милитанти), Ахвази (со силни конфликти и колежи во Арабистан) – секој против секого. Евреите се истерани или ликвидирани. Сите повеќе сакаат распад отколку федерација. За жените знаете кој статус го имаат во таа проклетија – малтретирања, садизми, забрани, но има и херојски феминистички групи. Кога протестираат, ги тепаат и убиваат. Дозволено е каменување. Турција (Сунити) е главен конкурент за хегемонија на регионот и тука има „жештина“, особено ако се мешнат и Курдите. Ахваз е мала регија кај северниот „џеб“ на Персискиот Мореуз, каде што има 95 отсто од нафтата и гасот на Иран. Живеат во мизерија, со максимално загадување на водата и воздухот, а Пахлавиевци крваво го анектираа. Ако бараат човекови права, добиваат криминален третман („ирански балансер“). Со години изигруваа „неврзани“ и нашата љубов исто како со Арапите се издигаше до небото – а сега со израелскиот конфликт, таа љубов се издига до лудило и конвулзии. Сега, ако некој ја мрази Америка, овде го сакаат како ангелот Габриел.
КОНФЛИКТОТ СО ИЗРАЕЛ Е БАЗИРАН НА КОЛОСАЛНА ОМРАЗА од верска и идеолошка природа, или омраза заради омраза. Конфликтот е и со западните земји, особено со Америка, но постојат и „подземни активности“ на илегални соработници. На пример ЦИА има посебни оддели за Израел, арапските земји и Иран и игра со сите. Башка има за Кина, Русија и други азиски земји. ЗАПАДНИТЕ И ИСТОЧНИТЕ СЛУЖБИ СЕ ДЛАБОКО ИНФИЛТРИРАНИ ВО ИРАН. Имате индивидуално и сигнално разузнавање, а корисна е етничката омраза, корупција, проститутки, просјаци, војници, верски водачи, амбасади, фирми, мафијаши, административци и компјутери. Јас мислев дека службите се врзани за либералните формации, но еден американски агент ми кажа дека е обратно. Ембаргото овозможува цветање на субверзивните трговии (нафта, гас, дроги, лекови, храна, биткоини, пари) – „прохибиција е пролиферација“ – а парите одат за оружје, финансирање на Русија, странски разузнавачи и за џихадизирање кај нас во Македонија, Косово, Босна, Европа и САД. Дрога и оружје циркулираат во мегаколичества низ Балканот. Но и Израел има предавници: неодамна се уапсени седум агенти што работеле за Иран, за пари. Такви има во Турција, Бугарија, Романија, Украина, Полска и Русија. Длабока шпионажа се одвива преку Турција, Египет, Бугарија, Босна, Косово и околината. Кај нас се мотаат шпекуланти-трговци од Израел за шпионска опрема. Религијата е само обланда за заплашување на масите, а во основа е нагон за власт, моќ, страв, тортури, секс и политички канибализам. Името Иран го дадоа Пахлавиевци што доаѓа од „Ариан“ – исто како Хитлер-Роземберговите „Ариевци“, демек „виша раса“, а таму е мешавина исто како во Америка, Русија или бивша Југославија. Соработуваа и со нацистите и со сојузниците, а големите сили имаат апетити кон богатствата, енергентите и територијата. Порано тоа беше Персија со богата историја на религии, култури, војни и традиции (види Кембриџова историска енциклопедија). Влијанијата (зороастризам, митраизам, дуализам, паулизам, богумили, катарите, дури и халдеизмот и исламот) кон Европа и Азија биле и ќе бидат огромни. Некои историчари се фалат дека од Иран се Хрватите, Бугарите и Албанците. Секакви историчари има. Иран сам произведува оружје, авансирани дронови, средни ракети, авиони и тенкови, а пушки и муниција зема од Франција (види го ти Макрончето?), но најмногу се американски и руски: авиони – миг-29, сухои-22, грунман, ХЕСА, мираж Ф1, нортроп Ф5 и ченгду-17, ракети шабаб 3, емад, гадр, киам, фатах, фатх итн. На нишан се важни личности: Наим Касем (прв), Хосеин Салами, Исмаил Ќаани, Али Хаџизадех…..
Ме чуди што НУКЛЕАРКИТЕ СЕ БЛИЗУ ДО ГРАДОВИ – Техеран, Исфахан и Натанц на пример – како да нема можности за хаварии или бомбардирања. И шахот Реза Пахлави многу сакаше да има нуклеарки и ги поставуваше западно кон морскиот брег. Тоа не им се допадна на Американците и перфидно го мавнаа со доаѓање на Хомеини. Навистина нуклеарната програма се одложи за педесетина години, но тоа не е вечност. Ураниум се набавува на два начина: да се купи (од Русија, Кореја и Франција) или да се произведе со т.н. концентрирање (седиментација, центрифугација). Потоа доаѓа „составување“, поради што се случи фамозната серија убиства на научници. Кибер-напади се секогаш можни. Иран дури и на Русија ѝ продава оружје, што ми е многу чудно за најголемата сила на светот. Сега нешто Иран ретерира! Можеби ајатолахот е попаметен од другите. Или го крие ѓаволот. А како се договориле Американците и Русите? Тајна е, но најверојатно Америка го задржува Медитеранот, ќе има палестинска држава сега или подоцна (во зависност од изборите во САД), Кавказот и Украина ќе ги поделат, а Иран ќе „пуфка“ со чалами и БРИКС-ање, до некоја шарена револуција. Ете, во Албанија жестоко се бунат против мафијата. Кој ги буцка? Посветивме голем простор за Иран, бидејќи тој е главниот играч. За Израел овде не можеме да зборуваме, бидејќи немаме простор.
Некои разузнавачи велат дека Мосад е во регресија и не е како што беше. ВЕЛАТ ДЕКА ИЗРАЕЛ Е СУРОВ! – НЕ Е СУРОВ – УЖАСЕН Е! ВОЈНА Е ТОА. И што да правиме? Сакате да седиме како имбецили и да нѐ колат? Таков идиотизам покажаа моите роднини и баба и дедо, па завршија во Треблинка – со алал на „хуманите“ бугарски „администратори“. Со извинение – Арапите се курчеа-курчеа, фрлаа илјадници и илјадници ракети врз Израел (мои роднини загинаа), а сега плачат и плачат! Тоа е џихадизмот – курчење и плачење. И нашиот блажен Али Ахмети е во фаза на плачење. Што следува? Мислам дека повеќе го интересираат дрогичка и парички отколку џихадизмот. Ама и ние сме си олиго-дибеци како милата ни Европичка, па плачеме-липтаме-липтаме за џихадистите. Ви велам – ќе ни дојдат! Ете, ви кажав, а вие како сакате.
Проф. д-р Самуел Колономос Садикарио