Отворена поставката „Современа скулптура“ на ДЛУМ

Изложбата „Современата скулптура“, биенална изложба на ДЛУМ со акцент на повик до уметниците што се занимаваат со просторно обликување ликовна форма, годинава има навистина голем број дела, чија селекција ја направи уметничкиот совет на ДЛУМ. На отворањето беше доделена и наградата „Боро Митриќески“, која годинава ја доби уметницата Марина Цветановска-Мартиновска за нејзиното дело „3Д остаток“.
Изложбата ќе биде отворена до 11 ноември во галеријата „Ко-Ра“, во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје. Со свои дела се претставуваат авторите: Нела Јанковска, Слободан Милошески, Стефан Анчевски, Златко Бојковски, Златко Глигоров, Анѓел Димовски Чауш, Христијан Качаревски, Маја Кировска, Перо Кованцалиев, Доротеј Нешовски, Синиша Новески, Марина Цветановска-Мартиновска, Славчо Павловски, Татјана Ристовска, Ана Димчевска Семенпеева и Гоце Стоилковски.
– „Современата скулптура“ е биенална изложба на ДЛУМ, со акцент на повик до уметниците што се занимаваат со просторно обликување ликовна форма. На мое големо задоволство, беа пријавени навистина квалитетни дела, чија селекција е извршена од уметничкиот совет на ДЛУМ. Семејството Митриќески на секое ново издание на изложбата донира и финансиска награда, а таквиот потег е многу значаен бидејќи самото име на наградата „Боро Митриќески“, во чест на еден од бардовите на македонската скулптура, дава посебна тежина и одговорност кон сите оние што се пријавуваат на повикот за учество, а наедно се и претенденти за наградата – посочи Јана Манева-Чупоска, претседателка на ДЛУМ.
Годинешната добитничка на традиционалната награда, Марина Цветановска-Мартиновска, е наградена бидејќи во нејзиното дело е акцентирана дозата на современост во скулптурата. Во комисијата беа: Никола Смилков, Слободан Милошески и Синиша Новески. Наградената уметница посочува дека при создавањето на делото, просторна инсталација со варијабилни димензии „3Д остаток“, е употребена комбинирана техника, при што се користени различни материјали. Делото содржи 18 картонски форми со огледална фолија (50 х 50 см) и текстилна лента.
– Во случајов станува збор за моделирање на самиот простор, на празното, она што е невидливо и кое на некој начин добива форма. Празниот волумен игра главна улога и тој за мене претставува предизвик. Преку делото всушност осознаваме дека ништо не е празно. Со доближување на гледачот, пак, кон огледалната основа, се отвораат други димензии и прашања, па секој може да се запраша дали е дел од формата, од тие остатоци или недостатоци – вели уметницата.
Цветановска-Мартиновска дипломирала во 2000 година на педагошки оддел, насока вајарство, во класата на Станко Павлески (и поднасока сценографија) на ФЛУ, Скопје, a во 2005 година завршила и постдипломски студии по вајарство на ФЛУ, во класата на истиот професор. Членка е на ДЛУМ од 2000 година. Вработена е како ликовен педагог во ОУ „Браќа Миладиновци“ во Куманово од 2001 година. Уметницата има реализирано голем број самостојни изложби, а учествувала и на повеќе групни изложби. Во текот на својата ликовна творечка дејност има добиено голем број награди. В.Д.