Фотографија од планинарскиот марш на нашите новинари / Фото: „Нова Македонија“

Планинарски марш по повод 80 години „Нова Македонија“

Во чест на нашата „Нова Македонија“ и неизбришливата традиција од 80 години, по четврти пат иницираме роденденски планинарски марш од велешко Горно Врановци до врвот Кале на Јакупица, за да укажеме на величината на првиот македонски дневен весник, да се поклониме на импресивниот подвиг на партизаните, да потсетиме на 29 октомври 1944, кога на раце ја носеле еден тон тешката печатарска машина „бостонка“ од Црешово до огништето на „Нова Македонија“, Горно Врановци, каде што е отпечатен првиот број на весникот на осум страници во свирепи услови.
Маршот почнува во с. Горно Врановци (650 м) денеска во утринските часови, со почеток во 7.30 часот. Должината на патеката е 21 км, на висинска разлика од 1.600 м. Од селото Горно Врановци се движиме кон запад, по патека што води низ нискостеблест предел до Острика (812 м), за потоа да навлеземе во густа букова шума до изворот Невестинец (1.373 м), преку Милевичка Река (1.572 м) ќе излеземе на срт и Корунов Сек (1.800 м). Продолжуваме кон југ, по сртот кон Кале (2112 м), највисокиот врв на сртот Јалоарник, Кале, Иванов Врв. Враќањето е по истата патека.
Акцијата е тешка и ќе трае 9-10 часа, опремата е задолжителна: високи планинарски чевли, облека соодветна на времето, капа, ракавици, јакна, очила за сонце, челна ламба. Пред почетокот на акцијата, на сите учесници ќе им биде проверена опремата. На учесниците што нема да ја поседуваат бараната опрема нема да им биде дозволено движење со групата. Пред учество во планинарски акции, секој учесник е должен да ги провери своето здравје и психофизичка способност кај својот матичен лекар, кардиолог или на спортска медицина. Во случај да земате хронична терапија, ве молиме тоа да го правите редовно, вклучувајќи го и денот на планинарската акција. Учесниците во акцијата се должни да ги почитуваат насоките на водичите. Во спротивно самите се одговорни за несаканите последици. Водичите имаат право да исклучат учесници на акцијата на почетокот или во текот на акцијата доколку не ги почитуваат објавените насоки, не ја поседуваат соодветната планинарска опрема и не ги почитуваат насоките на водичите. Водичите го задржуваат правото на промена на условите на објавената акција во согласност со условите на теренот. Во случај на неповолни временски услови, акцијата навремено ќе биде откажана.

Четврта година по ред со планинарскиот клуб „Убава“ се иницира овој наш скромен подвиг во кој ќе учествуваат неколку члена на редакцијата на „Нова Македонија“: Гоце Цветановски, Биљана Стајковска Граоркоска и Ласте Димитриевски.
Турата вообичаено се заокружува со посета на музејот што ја чува еднотонската печатарска машина „бостонка“, каде што стојат сведоците и доказите дека од основањето до денес „Нова Македонија“ е нераскинлив дел од нацијата и непрекинливо ги штити националните и државните интереси.
Дваесет и деветти октомври е неизбришлив датум, а ние секоја година преку „Нова Македонија“ ќе потсетуваме и повторуваме за учебникот што ја испишувал и ја испишува македонската историја, за весникот што ја запиша вистинската историја на Македонија, за секој нов ден, за секој нов запис и факт од македонската историја.
На овој начин оддаваме почит кон слободата, ги славиме 80-те силни години на нашата „Нова Македонија“. И тоа е најмалку што можеме да направиме, оти таа е поголема од сите нас. Од Кале, од централната македонска точка, пуштаме ехо до сите страни на Македонија, до сите врвови и народи, да се чуе, да се знае битноста на првиот македонски дневен весник. Со нашиот планинарски поход уште еднаш сакаме да фрлиме светлина над минатото и непобитноста на првиот македонски дневен весник, архетипот на македонското новинарство. В.Д.