Фото: ЕПА

Форлан, кој играше за Манчестер јунајтед, Вилјареал, Атлетико Мадрид, и кој ги освои „златната топка“ на СП 2010 и двапати европската „златна копачка“, своевремено многу ги следел настапите на Бекер, Лендл, Агаси, Сампрас, Иванишевиќ… и наскоро ќе дебитира на тениски АТП-турнир

Фудбалерот Диего Форлан живееше тинејџерски сон во 1993 година кога имаше можност да игра тенис во двојки со аргентинската легенда Диего Марадона. Тоа беше во раните фази од младинската фудбалска кариера на Форлан, долго пред да стане суперѕвезда во неговата родна земја Уругвај и пошироко. Повеќе од 30 години подоцна, тој ден останува важен спомен за Форлан, се сеќава дека пријателскиот натпревар се случи на теренот број 10 во тениски клуб во Монтевидео, а сега ќе се натпреварува во истиот клуб на тенискиот челенџер-турнир Уругвај опен, од 11 до 17 ноември, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП).
– Замислете да имам можност да бидам околу Марадона и потоа можност да играм фудбал и тенис, тоа беше неверојатно. Игравме фудбал и игравме двојки во тенис. Имавме навистина добри односи. Беше многу конкурентен. Тоа беше убав натпревар – се сеќава Форлан.
На Уругвај опен Форлан (45) ќе игра во двојки со Аргентинецот Федерико Корија, кој е на 104-то место на АТП-листата. Тие се сретнаа само еднаш, но оваа тениска двојка, која го привлече вниманието на фудбалските и на тениските вљубеници, делумно се спои благодарение на уругвајскиот тенисер Игнасио Кару.
– Игнасио се шегуваше многупати со мене за да играм на некои тениски турнири. Годинава му реков дека сум на одмор, дека не сакам да играм. Неколку месеци подоцна ми испрати слика од Федерико Корија и ми рече: „Го имам вашиот партнер за челинџер-турнирот во Уругвај“. Мислев дека тоа е шега, а потоа рече: „Сака да игра со тебе, не се шегувам“ – рече Форлан, пренесе АТП.
Форлан уживаше во извонредната фудбалска кариера во клубови како Манчестер јунајтед, Вилјареал и Атлетико Мадрид. Тој го претставуваше Уругвај трипати на светските првенства (СП), а во 2010 година ја освои „златната топка“, која му се доделува на најдобриот играч на едно СП. Десноног во фудбалот, но левучар во тенисот, Форлан порано играше бекхенд со една рака, но сега со две. Во изминатите 15 месеци тој настапи на пет турнири на ИТФ мастерс-серијата. Натпреварувајќи се во дивизијата за повозрасни од 45 години тој го постигна најдобриот резултат во август, кога стигна до финалето во Парагвај. Двократниот освојувач на европската „златна копачка“ долго време е тениски ентузијаст. Идеалната рутина на Форлан вклучува два часа тренинг наутро и попладне, а тренер му е поранешниот капитен на Дејвис куп-селекцијата на Уругвај, Енрике Перез-Касарино.

Форлан се сеќава и на тениски меч на претсезонскиот настан на Манчестер јунајтед во 2003 година, во Портланд (САД). Од другата страна на мрежата беше неговиот поранешен соиграч Руд ван Нистелрој, кој неделава е именуван за привремен менаџер на Манчестер јунајтед.
– Игравме тајбрејк. Само јас сервирав, па имаше двојни грешки, давајќи му некои поени. Но, успеав да победам – рече Форлан за неговиот дуел со Ван Нистелрој во 2003 година.
Форлан внимателно ги следи и професионалните тениски резултати. Во минатата недела тој не само што ги следеше АТП-турнирите во Виена и во Базел туку и во живо го пренесуваше АТП-челенџерот во Бразил. Она што почна како детска страст еволуира во опсесија, пишува АТП.
– Порано многу го гледав Борис Бекер. Навистина уживав да ги гледам и Иван Лендл, Андре Агаси, Пит Сампрас. Се сеќавам кога Горан Иванишевиќ победи против Патрик Рафтер на Вимблдон во 2001 година. Тој доби вајлд-карта за тој турнир, немаше шанса да игра поради неговиот пласман. И тој го освои турнирот. Беше неверојатно. Се сеќавам на финалето затоа што го гледав тој натпревар – рече Форлан.
Настапот на Форлан со вајлд-карта нема да биде на тревниците на Вимблдон, како Иванишевиќ, но, сепак, ќе биде искуство за паметење, пишува АТП. Форлан ќе настапи само неколку чекори подалеку од теренот на кој првпат почна да игра фудбал на младинско ниво.
– Ќе уживам да играм со професионалците само еден меч. Ќе уживам и во тоа што, не знам дали сум првиот, бев професионален фудбалер и професионален тенисер само за еден дуел… За мене тоа е привилегија. Знам дека ќе биде навистина тешко да се игра против тие момци. Но, немам што да загубам. За мене е привилегија што ја имам оваа можност – рече Форлан. Н.М.