Фото. Општина Кисела вода

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски се надева дека градоначалниците на Струмица и Карпош ќе ја преиспитаат одлуката за излегување од ЗЕЛС. Во изјава за медиумите дадена попладнево, Ѓоргиевски рече дека досега до ЗЕЛС нема стигнато официјално барање за излегување од ЗЕЛС.

Потегот на двајцата градоначалници го оцени како несериозен затоа што, како што рече, едниот ја соопштил одлуката преку социјални медиуми, а другиот преку прес-конференција без претходно како претседател на ЗЕЛС да биде информиран.

– За да се пристапи кон одредена изјава или одредени обвинувања, особено кон ЗЕЛС, треба претходно да се седне и да се разговара. Апелирам до двајцата колеги да се вразувам и малку посериозно да погледнат на овие нивни потези, затоа што Орце не може самоиницијативно да одлучи како градоначалник на Кисела Вода да ги стави во заложништво сите граѓани повлекувајќи личен потег или потег побуден од различна политичка причина или понуда – изјави Ѓорѓиевски.

Според Ѓорѓиевски, одлуката за влегување или излегување од ЗЕЛС носи Советот на општината.

– Вратата од ЗЕЛС е отворена за сите, секој проблем се решава, доколку има интерес и доколку не се крие нешто друго во позадина на овој процес. Стојам на располагање како и досега за сите мои колеги, верувам дека разумно ќе постапат и верувам дека можеби ова е моментален начин на кој можеби сакаат и медиумски да добијат поголема достапност за одредени теми и поголема драма да направат, но длабоко сум уверен дека ќе размислат во интерес на граѓаните – рече Ѓорѓиевски.

Додаде дека се обидел да стапи во контакт со градоначалникот на Струмица, но безуспешно, а со градоначалникот на Карпош стапил во контакт. Јакимовски, како што изјави Ѓорѓиевски, му кажал дека има проблеми со одредени министри, а на прашањето дали се обратил до ЗЕЛС за ова, одговорил дека мора некако да реагира затоа што има проблем со централната власт.

За министерот за локална самоуправа Златко Перински, ваквиот потег на општините Струмица и Карпош, не е решение затоа што најмногу губат граѓаните.  Перински во изјава за МИА рече дека секоја најава за нарушување на единството на ЗЕЛС му штети и на ЗЕЛС и на сите општини.

– ЗЕЛС е единствената асоцијација на единиците на локалната самоуправа која што има мандат да ги застапува нивните интереси пред Владата. Добро е и во иднина да остане така. Ваквото однесување сериозно ја нарушува позицијата на ЗЕЛС, затоа што само единствен ЗЕЛС може да биде сериозен партнер на Владата во разговорите за унапредување на системот на локалната самоуправа и на развојот на општините, зад што оваа Влада застана многу отворено и јасно и преку конкретни решенија тоа веќе го потврдуваме – изјави Перински.

Од Општина Струмица денеска официјално соопштија дека се откажуваат од членството во Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), а градоначалникот Костадин Костадинов дека ќе поднесе оставка на функцијата член на Управниот одбор. Напуштањето на ЗЕЛС, како што информираа, е во знак на револт заради индиферентниот однос кон Струмица и нејзините граѓани во периодот кога тие се соочуваат со еден од најголемите предизвици – водата за пиење, којашто претставува основен елемент на животот, но и заради истиот однос по одбивањето од Владата на единствениот проект од Струмица за реализација со средства од унгарскиот кредит, соопштија денеска од локалната самоуправа откако синоќа ваквата одлука ја најави градоначалникот Костадин Костадинов.