Скопскиот дувачки квинтет во рамките на својата мини-турнеја во Австрија и Словенија, вчера имаше успешен настап во Виена, во прекрасниот амбиент на катедралата Св. Ана. Квинтетот се претстави со дел од својата богата програма, при што покрај делата на светски класици, како и „Свита Македонија“ од Италијанецот Александро Агостини, пред пребирливата австриска публика презентираа и дела на македонски автори: „Лабин и Дојрана“ од Трајко Прокопиев, а крајот на концертот беше резервиран за „Тешкото“ на Глигор Смокварски.
Скопскиот дувачки квинтет, во состав: Марија Јакимовска (флејта), Васил Атанасов (обоа), Ристо Ѓоревски (кларинет), Орце Ицковски (фагот) и Александар Гошев (хорна), по успешниот настап во Виена, вечерва ќе настапи во Мурска Собота, Словенија. Овие концерти се организирани со поддршка од Министерството за култура на Македонија, како и од македонската амбасада во Виена и македонскиот почесен конзулат во Словенија.