Во ликовната дејност „колажот“ е воспоставена сликарска дејност, која се појавува пред сто или двесте години, имало периоди кога ваквиот творечки израз бил вистински ликовен тренд, во други малку подзаборавен, но сепак присутен. Бидејќи пред сѐ е визуелен израз, не ми е познато колку тоа е направено и во пишаниот збор, односно во литературата. Како и да е, колажот е едноставна техника и, што е важно, многу практична бидејќи тој сѐ трпи, во колажот може сѐ да се залепи, хартија, картон или парче платно, од тука доаѓа зборот (колаж – лепење), но тоа не значи дека во колажот нема ред и тој е производ на случајноста. Напротив, како авторска дисциплина, колажот има потреба од сопствена идеја и творечка хармонија. Мене колажот ми одговара и го применувам особено кога за некоја колумна немам конкретна замисла, па така решението го барам во збир од неколку идеи, поставени и обработени во форма на колаж, се разбира ако решението даде добри резултати. Ова нека послужи како вовед во изразот колаж. Сега да видиме кои се темите што ги одбрав за оваа колумна, нормално поставени во колажен израз.
Пред десетина дена го славевме 11 Октомври, денот кога се слушна првиот звук од истрелот во Прилеп или во Куманово, ова не е толку битно каде се случило, важно дека се слушна во Македонија и ова нека послужи како некаков историски колаж, важно е дека историскиот звук од истрелот беше знак и повик за симболично активирање во борбата против фашистичкиот окупатор од кој било вид, и од тој ден, денот 11 Октомври се претвори во масовно движење, кое се стопи во иста идеја и желба за ослободување од сите децениски и вековни ропства. Ние сме мала земја, да додадеме и сиромашна (ограбена) од разни параспури дојдени од блиското соседство и подалеку, но ние сме народ и земја што секогаш ја одбирале прогресивната, вистинската страна од историјата. Никогаш не застанавме на погрешната, сме биле поробувани, измачувани, распарчувани со илјадници жртви дадени за слободата, ама никогаш не ја променивме вистинската страна, таа прогресивната, која и денес нѐ чини да бидеме горди на своето, кое сами го стекнавме.
Прогресивните идеи не стојат во место, тие се шират кон сите страни. За време на Втората светска војна партизаните од Република Македонија одеа и во Егејска Македонија – Грција, соработуваа со демократските движења што дејствуваа во тие места и во тоа време. Постојат записи каде што се споменува: „Особено, се памети доаѓањето на битолскиот партизански одред ’Гоце Делче‘ на чело со Коле Канински и Строгов. Доаѓањето на македонските партизани во село Бапчор било проследено со големо славје кое траело цели три дена. Говорот на Строгов, одржан на македонски јазик, бил доволен повод за целосна определба на селаните од Бапчор на страната на националноослободителното движење на македонскиот народ“.
Досега напишаното, можеби некому ќе му заличи на банален соцреализам, но читателот нека има трпение, другите колажни делови од текстот се подобро стокмени и раскажани!
Со крајот на Втората светска војна, работите некако се расчистија, се знаеше кои каде седеа, во која насока дејствуваа како приврзаници на тогаш силните окупаторски фашистички сили. Некои од нив не чекаа многу време за да си го сменат политичкото руво. Веднаш станаа ем прогресивни ем демократи. Да се чудиш со каква леснотија го направија тоа, оставајќи ги зад себе жртвите и теророт што ги чинеа врз други помали народи. Сите убедени, дури и цела Европа, дека грдото и лошото дотука биле, отсега и понатаму ќе оди на подобро. Арно ама, некои нациополитички мешавини, кои заличуваат на глисти, почнаа повторно да ги подигаат главите што носат валкани содржини, кои заличуваат на изопачените настани од минатото време! Источниот сосед со старата излитена умисла, дека ние не сме тоа што мислиме дека сме, туку сме тоа што тие ни го кажуваат, односно сме дел од нивното мрсно тело! Дури и јужниот сосед, кој има солидни заслуги во борбата против фашизмот, ја заврти плочата за да дава изопачена свирка кога забранува да се употребува македонскиот јазик, за што илјадници Македонци, граѓани на Грција, ги положија животите во борбата против фашистичкиот окупатор, токму и за таа работа, да можат слободно да се изразуваат на својот мајчин јазик. А некои наши таканаречени политичари, кои носат магарешки уши, со јужниот сосед потпишаа „светски“ договор, со кој ние се откажуваме од Македонците што живеат во северна Грција, односно Егејска Македонија. Повторно за чудо, ЕУ ги поздравува ваквите недемократски постапки на источниот и на јужниот сосед, па не може, а да не се запрашаме зошто служеше антифашистичката борба, на Балканот, во Европа и во светот?
Дополнителниот елемент од овој историски колаж е посетата на внуката Коца, која со својата ќерка Кејси, значи наша правнука, доаѓајќи од Обединетото Кралство, патем дојде и кај нас, блиски сме, да се видиме и дружиме или, како што велеа нашите стари, да не се заборавиме. Коца зборува македонски, Кејси сега го учи, но, според мене, во овој историски колаж најважно е што Кејси изрази желба да го посетат селото Бапчор, родното место на дедо ѝ, нашиот брат што живее во Австралија. Како ќе одат, со такси, со автобус до Битола, од таму повторно такси, ми се виде некако комплицирано, од тие причини се понудив јас да ги однесам. Денот ни се погоди прекрасен и тргавме од Скопје и стасавме до Нерет, најблиско село до Бапчор. Во Нерет имаме роднини, бидејќи до Бапчор не се оди со обично возило, најдовме наш човек што вози џип и така стасавме до Бопчор, село сместено спроти планината Вич.
Престојот од неколку часа во руините од селото помина со моменти на тага од неблагодарното минато, но исто со мигови на надеж дека нема ништо да се заборави или откаже. На враќање размислував за младите поколенија, кои со нивната љубопитност нема да прифатат ништо да им се скрие, мислев и за селото и планината, кои сигурно во ноќните часови, кога завладува студенилото, кога се појавува осаменоста, на свој начин разговараат за минатото, за сегашното и за идното време.